Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Владимир Костов

Денес, во Битола, на 90 годишна возраст, по долго боледување, почина најпознатиот битолски писател, професор, Владимир Костов, почесен член на МАНУ, автор на драмски текстови,  раскажувач, новелист…

Владимир Костов е роден во Битола на 22 септември 1932 година. Основното и гимназиското образование ги завршил во Битола и во 1951 година се запишал на Филозофскиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1955 година дипломирал по што се вработил во “Радио Скопје“.

Во 1956 година се враќа во родниот град и почнува да работи како професор по македонски јазик во Средното ветеринарно училиште. Во 1964 година бил избран за професор на Педагошката академија во Битола, каде работел сè до своето пензионирање. Во 1957 година, Владимир Костов бил еден од основачите на КУД „Илинден“ и негов долгогодишен уметнички директор. Во 1963 година се појавува и како еден од основачите на литературното списание „Развиток“ каде бил долгогодишен главен и одговорен уредник. Во 1977 година станува член на Друштвото за наука и уметност во Битола, во 1983 година член на Друштвото на писателите на Македонија, a од 1988 година член е и на Асоцијацијата на независните писатели на Македонија.

Има објавено 17 романи, 11 збирки новели, 10 книги за деца и млади и збирка на драми “Декалог”.  Романите на Костов се дел од збирката “Најчитани македонски романи”, од антологиите на македонскиот расказ, на македонскиот роман. Костов е дел од училишната лектира со романите “Нов ум”, ”Свадбата на Мара” и “Црквичето четириесет маченици” “Свадабата на Мара“ е една од најуспешните театарски претстави на НТБ, за која тој го напиша текстот.

Во 2016 година избран е за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на наградите: “4 Ноември“, “11 Октомври“, “1ви Мај“, “Рациново признание“, “Ванчо Николески“…

Погребот на Владимир Костов ќе биде утре во 12 часот на “Светонеделските гробишта“ во Битола.