-Денеска е Рождество Христово – Божик, а верниците се поздравуваат со зборовите: Христос се роди, навистина се роди.
-Именден празнуваат Христо, Христина, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…
Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.
Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање -Водици, немало да има ниту Распетие и Воскресение – Велигден, ниту Вознесение – Спасовден, ниту Духовден, Преображение, Крстовден итн.
Евангелието вели дека праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов, а така барал императорот. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот, а некои добри луѓе ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.
Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест:
-Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“.
Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.
Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток „И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.“ (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото).
Значи, пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата. Мудреците се наоѓа во соодветна духовна состојба за да Го видат и да Му се поклонат на Бога. Тоа не беше работа на наука, туку на внатрешна умна чистота.
Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.
Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити.
Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.
Тропар, Рождество на нашиот Господ Исус Христос
Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлина на знаењето; во неа, пак, оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа Тебе да Ти се поклонуваат, Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, исток на висините, Господи, слава Ти.