-Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола, или како битолчани ја нарекуваат Горната Гимназија и оваа учебна година, како и години наназад ја продолжува традицијата како најдобро средно училиште во градот и државата.
Гимназијата “Јосип Броз Тито“ – Битола остана да биде едно од најпрестижните средни училишта во земјава, каде се школувале и завршиле дури 18 академици и 5 народни херои. Се вборјува меѓу првите во државата по постигнат успех на ученици, освоени награди како и високи резултати на Државната матура. За ваквите успеси и постигања на учениците, придонесуваат целокупниот наставен кадар, раководниот тим, стручните соработници. Тука се постојаните напори за обезбедување на средства за нови наставни нагледни и технички помагала, реконструктивни зафати, кои во изминатиов период беа во голем број, а исто така и воведување на нови иновативни проекти. За успешните проекти досега и оние кои се очекуваат во новата учебна година поразговаравме со в.д директорот на гимназијата “Јосип Броз Тито“, Лидија Споа, и најпрво прашањето:Предизвик и одговорност да се биде директор на средно училиште со високо реноме каде со години наназад се школуваат и завршуваат успешни и квалитетни генерации…
-Гимназијата “Јосип Броз-Тито” е една од најдобрите средни училишта во државата, поради тоа и предизвикот и одговорноста да се биде директор се огромни, да се задржи континуитетот кој се градел низ годините од предходните директори. Наставниците во една држава се најмоќната армија, такви се и моите колеги, вредни, исполнителни, посветени. Среќна сум што имам одличен тим од колеги, најпрво помошник директор Елена Трпезановска Јоновска која ми е ветер во грб и несебична поддршка и помош. Потоа тука се: стручната служба, наставниците, техничка служба и сите вработени без кои не би можела. Нашата цел е Гимназијата да оди напред, во нагорна линија, да го задржиме континуитетот на успех, да успееме во нашите проекти кои значително ќе го подобрат воспитно образовниот процес.Пред назначувањето на функцијата директор, бевте стручен соработник психолог. Колку Ви помага тоа во вашата нова функција?
-Една година и еден месец сум на функцијата директор, поточно моето назначување беше на 12 август 2022 година. Се разбира дека многу ми недостига мојата работа како психолог, особено работа со учениците. Но јас секогаш бев и секогаш ќе бидам тука за нив, да ми се обратат, да ги сослушам, секогаш за нив е отворена мојата врата. Исто така ќе нагласам дека искуството кое го стекнав низ годините во стручниот тим соработници во училиштето многу ми помага како да ја осмислувам мојата одговорна работа како директор. Сметам дека треба да се има емпатија и разбирање за сите, да се биде отворен за соработка. Да постои таа асертивна комуникација, и да се решаваат проблемите на конструктивен начин. Секако дека освен убави, имаме и тешки моменти кои секогаш се трудиме да ги решиме позитивно и во корист на учениците. Знам многу добро дека секој од колегите несебично се вложува во својата работа, дел од нив дури и од повеќе. Тоа се прави со голем ентузијазам и љубов кон учениците. Многу ми е важно да се има позитивна клима во училиштето за да секој доаѓа со задоволство на работа или на училиште. Се трудам да бидам максимално достапна за сите. Знам дека оваа функција е менлива, но би сакала колку што можам да придонесам колегите и учениците секојдневно да ги гледам насмеани, задоволни и среќни, но и да направам значителни реконструктивни промени во условите за работа во училиштето.“Team building“ активности – учество на “Трчај БЕ“
-Освен секојдневните работни обврски, со колегите се дружиме и приватно и поминуваме убави моменти заедно. Така оваа година се пријавивме да учествуваме на најдобрата трка во регионот “Трчај бе”. За нашиот тим под име “Горната трча” трчаа професори и ученици рамо до рамо на трката 5 км. Успешно ја истрчавме оваа трка. За следната година можеби ќе се пријавиме и на 10 км. Имавме подготовки пред трката. Трениравме во паркот, возевме велосипеди. На денот на трката пред Гимназијата свиреше бенд составен од наши ученици. Колегите навиваа за нас, не поддржуваа и бодреа носејќи транспаренти со пораки за мотивација. Убави моменти на дружба кои ќе ни останат во убаво сеќавање.
После големата реконструкција на училиштето, се продолжува континуитетот кон подобрување на условите за работа и постојаниот концепт за подобро образование. Кажете повеќе за реализираните проекти во изминатата година и плановите за следната…
-Во текот на учебната 2022/23 година, приоритет беше да ги продолжиме и прифатиме предизвиците, да се вложиме со цел да ја направиме Гимназијата училиште кое ќе биде поубаво и помодерно место каде што сите субјекти вклучени во воспитно-образовниот процес ќе се чувствуваат мотивирано за работа и за учење. За таа цел, во текот на учебната година реализирани беа неколку реконструктивни зафати и набавки.Инфраструктура:
-Во текот на оваа учебна година, набавени беа дизајнирани клупи во ходниците на трите спратови, 30 училишни столчиња, закачалки за палта во сите училници и кариерниот центар, елементи за кујна во наставничка канцеларија, замена на постоечкиот лексан со плексиглас на терасата, промена на хоризонтален и вертикален олук на терасата, промена на старата со нова ограда од ковано железо на терасата, летна училница со бехатон плочки, доработка на покривен пролаз кон спортската сала со лим, санација и тековно одржување на споменикот пред Гимназијата. Потоа замена на оштетени плочки со истоветни материјали, мијалник во ходникот на излезот кон спортската сала, нови мијалници во машки и женски соблекувални во спортската сала, хортикултурно уредување на простор за дружење на учениците во соработка со ЈКП Комуналец и Сфера-Битола. Поставени се нови огледала и држачи во сите тоалети, и направена е промена на сите светилки со штедливи. Поставен е рефлектор на терасата кон дворот.Во спортската сала обновени се влезот, соблекувалните и трибините со бојадисување и санација и поставени се нови мрежи на головите. Изработена е и на рампа на влезот на салата, прилагодена за лица со инвалидитет.
Од ИКТ опрема и нагледни средства и помагала набавени се 35 таблети, 10 Смарт- андроид телевизори 50 ‘инчи за сите кабинети и спортската сала, бинокуларен микроскоп со екран, мултифункционален Фотокопир – Ricoh, мултифункционален принтер со скенер и копир – Canon, караоке звучник- Sony, универзална станица за полнење на лап-топ компјутери и таблети, 15 географски атласи, 10 штафелаи и слично.
Нашата Библиотека
-Книжевниот фонд на библиотеката во учебната 2022/23 изнесуваше 20 236 книги(лектири, дела за обработка, стручна литература, освен на македонски јазик, во библиотеката има книги на англиски, француски, германски јазик, српско-хрватски јазик и руски јазик).
Спортската сала е една од најсовремено опремените училишни спортски објекти во градот која располага со терени за кошарка, ракомет и одбојка, како и услови за изведување на други спортови, пинг-понг табла и сл. Во неа, учениците тренираа и се подготвуваа за натпревари во кои учествуваа заедно со нивните ментори.Готови проекти
-Во насока за подобрување на условите за работа се изработи одличен проект за спортски игралишта. Се надеваме дека конечно после долги години Гимназијата ќе добие модерни спортски игралишта кои толку многу ги посакуваат учениците и целиот наставен кадар. Гимназијата го заслужува тоа, игралиштата се нашиот сон, ние сме апсолутни шампиони во сите спортови благодарение на посветеноста на професорите по спорт и учениците. Исто така имаме и проект за пренамена на старите соблекувални, скали во училишен двор, ограда од ковано железо и настрешница во функција на објект (летна училница). Изработен е и проект за промена на внатрешна дограма – врати кои се многу стари, подови на трет спрат и проект за подобрување на условите во хемискиот кабинет. Летово се набави и монтажен тоалет за лица со хендикепт во училишниот двор. Потоа дрвени кутии за мобилни телефони во училниците.Успешна учебна година со многу проекти и меѓународни размени
-Имавме навистина успешна година, исполнета со многу настани, работа, Erasmus проекти, E Twining, размени на ученици и наставници надвор од Македонија, остваривме и нови соработки со Германија, Израел и Тирана. Успешни бевме и во сите натпревари организирани во и надвор од државата , од ниту еден натпревар не се вративме без прво, второ или трето место. Имавме одличен патронен празник и одлична претстава Тумбе кафе. Овие традиционални размена придонесува за подобро изучување на јазиците францускиот јазик, германскиот….и запознавање со европската култура и традиција, како и ширење на македонската култура и традици.Да се биде на чело на една институција како Горната Гимназија бара вложување на голема енергија и напор. Лидија Споа тоа го прави ненеметливо, скромно, тивко, со трпение, но резултатите зборуваат гласно и одповеќе за истите.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска