Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва во Битола ќе го дочекаат ПИК Сегед во рамките на осмото коло од Лигата на шампионите, во кој битолчани надеваат дека ќе имаат прва победа и први бодови.
На прес-конференцијата пред натпреварот се обрати тренерот Бранислав Ангеловски, кој рече:
-Ни доаѓа противник против кој во претходниот натпревар минатата недела одигравме добро прво и катастрофално второ полувреме. Реализаторски одигравме лошо второ полувреме кое дозволи ПИК Сегед да направи голема разлика и да нè деморализира. Таа работа не треба да ни се случи на натпреварот во Битола. Добро ги познаваме, ќе имаат поголема ротација и ќе играат некои ракометари кои не настапија во натпреварот пред седум дена. Најмногу ме разгрижува тоа што лесно се предадовме, иако имавме активен резултат до 50. минута. Пред нашите симпатизери и верни навивачи, од кои имаме огромна поддршка, верувам во подобро издание и подобар резултат од тој во Сегед, рече тренерот на битолчани.









