Press "Enter" to skip to content

РЕК Битола и СОУ “Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар ја продолжуваат соработката во дуалното образование

РЕК Битола и СОУ Крсте Петков Мисирков од Демир Хисар ја продолжуваат
соработката во дуалното образование. Резултатите од работењето на паралелката што
беше формирана минатата година се позитивни за двете страни, а особено задоволни
се учениците кои практичната настава ја изведуваат во комабинатот, под будното око
на сертифициран ментор, вработен во РЕК Битола.

-Искуствата од дуалната паралелка која постои во РЕК Битола, а е наменета за
учениците од електротехничката струка и профилите електротехничар за компјутерска
техника и автоматика од СОУ Крсте Петков Мисирков од Демир Хисар, се многу
позитивни. Среќен сум што РЕК Битола, преку оваа дуална паралелка, вложува во
успешна иднина на учениците што доаѓаат во комбинатот на пракса. Ги следиме
трендовите за создавање на висококвалификувани кадри за кои има потреба на
пазарот на труд бидејќи и самите ние се соочуваме со недостаток од работна сила на
определени, специфични работни места”, вели директорот на РЕК Битола, Пеце
Матевски.

И во СОУ Крсте Петков Мисирков од Демир Хисар се задоволни од соработката со РЕК
Битола и примената на концептот дуално образование, преку кој учениците добиваат
повеќе практична настава, од обучен ментор во реални работни услови.

-Со изведувањето на практичната настава во РЕК Битола, учениците стекнуваат
подобри знаења и вештини, со кои што ја зголемуваат својата стручност и
самодоверба, а истовремено се запознаваат и со организацијата на работа, начинот на
функционирање на производствениот процес, редот и дисциплината итн”, вели
директорката на СОУ Крсте Петков Мисирков, Маја Лозановска.

Со формирањето на дуалната паралелка, РЕК Битола стана една од македонските
компании кои се верификувани во доменот на дуалното образование, што претставува
општествен интерес на сите страни вклучени во образовниот процес и, генерално, на
македонското стопанство.