Press "Enter" to skip to content

Прес-конференција на ФК Пелистер пред стартот на ВМФЛ: целта е јасна Прва лига и ќе ја исполниме!

Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола во пресрет на стартот на пролетната полусезона во Втората македонска лига во своите клубски простории на стадионот под Тумбекафе во Битола одржа прес-конференција.

На средбата со медиумите се обратија спортскиот директор Ванчо Мицевски кој зборуваше за амбициите и техничките работи:-Кога ќе кажам Пелистер, мислам на Битола, кога ќе кажам Пелистер мислам на „Чкембарите“. Сите знаеме колку Пелистер значеше во југословенскиот фудбал и значи во македонскиот и сметам дека сме на добар пат. Се средуваат сите структури во клубот. Пелистер организациски е на високо ниво и реално ни треба експресно враќање во Прва лига за да продолжиме со нашите планови и амбиции. Мислиме и на иднината, се планираат помошни терени и еден тренинг центар. Во мај месец Пелистер ќе биде прволигаш и чист клуб, без никакви долгови и ќе ја отвори вратата за странски инвеститори.

Околу “пофудбалските“ работи, подготовките, пролетниот дел од сезоната и следниот противник зборуваше помошниот тренер Вангел Алтипармаковски.-Можам да кажам дека Втората лига е навистина тешка за играње. Условите за игра се доста тешки, мислам пред се на терените. Кога на тоа ќе се додаде притисокот, високите очекувања и фактот дека мора да одиме на победа на секој меч, а тука се и судиски грешки – може да дојдеме до заклучок зошто есенскиот ден беше малку турбулентен. Можеби затоа немаше допадлив фудбал за око, ама по овие припреми мислам дека сите тие недостатоци и потешкотии ќе ги сведеме на минимум.  За натпреварот со Беласица сме максимално подготвени. Сериозно го сфативме натпреварот, играме против млади фудбалери кои ќе дојдат во Битола да се докажуваат. Направивме добра анализа, сите се подготвени и од самиот почеток ќе се види кој е кој на теренот. За крај ќе кажам само, имаме голем респект кон сите наши конкуренти и противници, меѓутоа имаме зацртано една цел – а таа цел во мај ќе ја оствариме.

Покрај помошниот тренер, се обрати и капитенот Благој Љамчевски, кој кажа: Одработивме доста добри подготовки во две етапи. Одигравме доста контролни натпревари и ја темпиравме формата за тоа што следи. Првиот меч со Беласица е тежок. Секој прв натпревар е тежок, играме на домашен терен, трите бода се императив. Се надевам ќе ја продолжиме победничката серија од првата полусезона и ќе успееме во целта – Прва лига. 

На стартот на полусезоната во Битола гостува екипата на Беласица в сабота од 14:00 часот.

More from ВестиMore posts in Вести »