Press "Enter" to skip to content

Успешно одржан втор Семинар од областа на ветеринарната медицина во Битола (фото)

Семинар од областа на ветеринарната медицина со меѓународно учество се одржа во организација на Ветеринарниот факултет – Битола, единица на УКЛО, во коорганизација со Ветеринарната комора на Македонија.Меѓу бројните учесници на Семинарот што се одржа на 13 април 2024 г. во Битола со презентации на актуелни теми се претставија  македонски стручњаци од ветеринарната медицина, нивни колеги од Хрватска, Србија, Бугарија и за прв пат присуствуваа гости од Турција.Деканот на Ветеринарниот факултет– Битола, проф. д-р Никола Караболовски на почетокот на настанот истакна: „Посебно ме радува дека Семинарот од областа на ветеринарната медицина се одржува по втор пат и по успешниот, минатогодишен почеток, прераснува во традиционален.Тоа секако е изводливо и се oстварува благодарение на нашите долгогодишни пријатели од Департманот за ветеринарна медицина на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, Ветеринарниот факултет од Загреб, Ветеринарно медицинскиот факултет од Стара Загора, Факултетот за ветеринарна медицина од Софија, Ветеринарната клиника – Ветеринарен центар Скопје и нашата, Ветеринарна комора на Република Северна  Македонија, со чија поддршка и активна вклученост се одржува вториот Семинар од областа на ветеринарната медицина.Нашата намера е да продолжиме со активности за продлабочување на знаењата со директна интеракција. Тоа не е само професионална обврска, туку и важен дел од професионалниот развој. Само со континуирана едукација се јакнe стручноста и  перманентно се подобрува професионалната компетентност.

Не забораваме и овој пат дека ветеринарната медицина е еден вид – работна уметност. Затоа, Семинарот, треба да ни помогне да научиме нешто повеќе за нашата работа и да обезбедуваме поуспешна и попродуктивна едукација на младите генерации ветеринари.Посебно се радуваме на новината поврзана со нашиот Универзитет, во тие рамки и нашиот Ветеринарен факултет:  дека денешните теми се одвиваат под боите на вропската универзитетска Алијанса Колорс,чиј конститутивен чинител е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа дополнителна вредност,  е додадена вредност и на Семинарот“, посочи деканот Караболовски.

На Семинарот од областа на ветеринарната медицина учествуваше и проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ. Тој оцени дека семинарот претставува стручна, академска прилика, да се прошируваат видиците и да јакне академската поврзаност.„Ја користам приликата од името на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Игор Неделковски и комплетниот менаџмент да им се заблагодарам на сите вработени на Ветеринарниот факултетот во Битола за организацијата на Семинарот. Иако од аспект на временско траeње, Факултетот  е меѓу помладите во регионот, има воспоставени цврсти врски со поодамна етаблирани факултети и остварува конкретна, континуирана соработка на различни научни, образовни, проектни и други аспекти, што го зголемува  академското задоволство.

Семинарот којшто минатата година ја покажа својата оправданост и целисходност во подобрување на професионални компетенции и вмрежување, за нас како Универзитет има посебна важност и секако, она што радува е дека со нас се и студентите и тие се дел од организацијата.Таа перспектива не треба да се занемари и неспорно е дека ќе се рефлектира во други активности на различни мисии на Ветеринарниот факултет – Битола, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, што како и денешната,  имаат посебност, бидејќи соединуваат теми со луѓето, животните и здравјето како највисока вредност. Позитивна и висока оценка за Семинарот во којшто беа вклучени и студентите, изнесоа и активни, но и веќе дипломирани студенти на Ветеринарниот факултет – Битола. Инаку, Семинарот од Ветеринарната комора на Република Северна Македонија е акредитиран со девет бодови. 

More from ВестиMore posts in Вести »