Народниот театар од Битола ќе се претстави на “Денови на Игор Вук Торбица“ манифестација во чест на прерано починатиот уметник , која се оддржува од 25 до 29 април во Нови Сад Србија.
Српското Народно Позориште ќе биде домаќин на култните претстави кои ги режирал Игор
Вук Торбица, а овие претстави оставија незаборавни моменти во театарите од регионот. Во рамките на “Игоровите денови“ ќе се соберат ансамбли од регионот, актери и негови пријатели , кои ќе говорат за неговата работа.
НУ Народен театар Битола ќе гостува со претставата “Бакхи -краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица, Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценограф: Валентин Светозарев, а костимограф е Благој Мицевски.
Билјана Крајчевска, драматург, за претставата ќе рече:
-Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхи -те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни. Можеме да кажеме дека Бакхи се прапочеток на „метатеатарскиот” текст. Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, “божественото” доаѓа во облици коишто не сме спремни да ги прифатиме и да ги препознаеме. Бакхи не е текст што јасно ни ја отвора поделбата на протагонист – антагонист, текст кој повлекува линија помеѓу доброто и злото, туку нè потсетува дека овие опозиции се создадени и форматирани од човекот, односно човекот, со својата способност за дефинирање и разложување (анализирање), не е во можност да ја разбере вистинската природа на појавната стварност.
Играат: ДИОНИС- Маја Андоновска – Илијевски, ПЕНТЕЈ- Огнен Дранговски, ТЕЈРЕСИЈА – Соња Михајлова, КАДМО –Иван Јерчиќ, АГАВА – Илина Чоревска, ГЛАСНИКОТ – Никола Пројчевски, СЛУГАТА – Никола Стефанов, ХОРОВОДЕЦОТ – Викторија Степановска – Јанкуловска, ХОРОТ НА БАКХИТЕ: Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.











