Во просториите на НУУБ “Св. Климент Охридски“ – Битола во салата за промоции се одржа настан по повод 64-годишнината од формирањето на Македонското научно друштво во Битола. Настанот се состоеше од повеќе активности преку кои се претстави широкиот дијапазон на делување на Друштвото.
На почетокот на големиот број присутни гости им се обрати претседателката на МНД – Битола проф. д-р Невена Груевска, која меѓу другото информираше дека МНД- Битола од неодамна е официјално еден од соработничките партнери на Универзитетската мрежа КОЛОРС, од којашто е дел и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Потоа, претседателката ги претстави новопримените членови на Друштвото на кои им беа врачени и официјални пристапници.
Настанот продолжи и со промоција на последните два броја на научното списание „Прилози“, бр.29 и бр.30 којшто е посебно издание и е тематски посветен на писателот Владимир Костов. И двете изданија се во издаваштво на МНД – Битола, и за нивното промовирање беше задолжена професорката Весна Мундишевска-Велјановска, долгогодишен, истакнат член на МНД – Битола.
Во рамките на оваа свечена пригода беа промовирани и последните два броја на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ (бр. 12 и бр. 13) од 2023 година, од страна на проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, исто така истакнат долгогодишен член на Друштвото, а воедно и главен и одговорен уредник на списанието.
Содржината на настанот беше збогатена и со пригоден рецитал на поезија од последните броеви на списанието „Современи дијалози“ во изведба на студенти од Педагошки факултет – Битола и тоа: Ева Нешкоска, Димитар Атанасовски, Бојана Мандровска и Ангела Павловска, под менторство на проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и проф. д-р Силвана Нешковска.
На присутните посебен впечаток секако им оставија и музичките точки изведени од Теодора Мицевска и Никола Николовски, подготвени под менторство на д-р Екатерина Михељкис, член на одделението за уметност при МНД – Битола. Настанот заврши со желба од страна на сите присутни за уште многу успешни години постоње и функционирање на Македонското научно друштво – Битола.
Фото: Дамијана Ристевска










