Press "Enter" to skip to content

Отворена изложба на вредната уметничка колекција во Ректоратот на УКЛО Битола (фотогалерија)

Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола денес беше отворена ликовна изложба „Од уметничката ризница на Ректоратот на УКЛО“. Изложбата претставува избор од вредната уметничка колекција на УКЛО, реализирана во соработка со галеријата „Ранко Струмениковски“ – Битола.На отворањето и во специјално изработениот каталог, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски истакнува дека уметничката колекција на Универзитетот претставува вредно сведоштво за долгогодишните пријателства и соработка со сродни универзитети и институции, изразени преку подарени уметнички дела.Поставката ја истакнува нераскинливата врска меѓу науката и уметноста како заеднички извор на креативност, инспирација и подлабоко разбирање на светот.-Изложените дела не се само артефакти, тие се сведоци на растот на нашиот Универзитет. Тие го бележат патот на УКЛО од неговите почетоци до денешниот статус на респектабилен европски центар за високо образование. Ние тука секојдневно поминуваме покрај овие слики, дел се во ректорската канцеларија, во проректорската, дел се во салата за состаноци, дел се во канцелариите на вработените, но веројатно ние како лаици, никој од нас не беше свесен дека зад овие слики има сериозна уметничка вредност, собирана веќе 47 години. Универзитетот е многу повеќе од збир на амфитеатри, лаборатории и научни трудови. Тој е жив организам кој дише преку знаењето, но се храни со уметноста. Токму затоа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во соработка со галеријата „Ранко Струмениковски“ од  Битола, со особена чест презентира дел од својата уметничка колекција – визуелно патување, низ времето и пријателствата, градени со децении, рече Неделовски.-Од денот на нашето основање, 25 април 1979 година, па се до денес, УКЛО примал дарови од сродни универзитети и институции. Дарувањето уметничко дело не е само протоколарен гест. Тоа е чин на длабока почит и трајна врска. Овие слики носат парче од идентитетот на дарителите, кое останува во домот на примателот како залог за идна соработка. Тие го бележат патот на УКЛО од неговите почетоци до денешниот статус на респектабилен европски центар за високо образование. Преку оваа изложба, ние ги отвораме вратите на Ректоратот за јавноста, споделувајќи го богатството кое ни е доверено на чување. Низ овие платна може да ја погледнете историјата на УКЛО со други очи, низ призмата на бојата, светлината и уметничката инспирација, истакна ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.Изложбата што се реализира по повод годишнината од  основањето на УКЛО, ја претстави галеристот, д-р Драган  Ристевски. Тој посочува дека претставените дела обединуваат вредни уметнички трудови, меѓу кои и првото лого и ректорската инсигнија изработени од Ранко Струмениковски.Голем придонес во оформувањето на оваа поставка имаат и историчарот на уметност, кустос – советник Владо Ѓорески како и Сашо Ристевски којшто ги изработи фотографиите.-Организирањето на ликовна изложба на дела ,,Од уметничката ризница на Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола, започна како идеја при посетата на ректорот проф. д-р Игор Неделковски на отворањето ликовна изложба ,,65 години Македонското научно друштво – Битола” организирана од Музеј и галерија ,,Ранко Струмениковски” во април минатата година. Резултатот е конкретизиран со оваа значајна поставка на уметнички дела од богатата ризница на Ректоратот, рече д-р Драган Ристевски, галерист. -Организирањето на оваа раритетна изложба на вредни уметнички дела добиени како подароци или размени со бројни универзитети од поранешната заедница Југославија, од Балканот и од универзитети од Европа е мошне значаен настан, бидејќи на јавноста и се доближува богатството на оваа ректорска уметничка ризница, која заслужува особено внимание. Годините минуваат, а вредностите добиваат на значење, додаде Ристевски.Уметничката колекција на УКЛО — симбол на соработка и пријателство, ја истакнува поврзаноста меѓу науката и уметноста како заеднички извор на креативност и разбирање на светот, како потсетник дека вистинскиот интелектуален развој вклучува и естетско доживување.На изложбата беа присутни и експерти од Музејот на Југославија од Белград и Народната библиотека, од Србија кои се во дводневна посета на НУ Завод и музеј Битола и институциите од култура во Битола со д-р Ирена Ружин, кои беа воодушевени од уметничките дела и можноста да присуствуваат на настанот.

More from КултураMore posts in Култура »