Press "Enter" to skip to content

Бутката за “компирчињата“ која беше на Широк Сокак, кај Османлијата, во Битола замина во историјата (фото)

Тешко е кога некој објекти или човек кој оставил трага во животот на Битола и е дел од колективната меморија на битолчани исчезнува. Уште потешко е да гледаш нешто што било дел од животот, а најтешко е да си сведок на исчезнувањето на нешто во кое си се вложил барем малку и си бил современик со него.

Се работи за бутката за “Компирчињата“ која деновиве исчезна на истото место каде што беше создадена, во “Ушици“ на “Илинденска“ во работилницата на чичко Борис Степановски, голем работник и иноватор, кој и самиот е починат.Пред некој ден кога се “растураше“ бутката за “компирчињата“ со Целе, синот на чичко Борис, како го викавме во “Ушици“ се присетивме на времето кога Борис ја создаваше бутката. Со мака со работа по цел дел, со многу мерење и премерување до перфекција, швајцување, брусење…-Сакавме да отвориме трафика за продавање на пржени компири – помфрит. Но, во тоа време типски трафики продаваа во Струга, а од таму не можевме да купиме, па затоа татко ми се одлучи да направи иста таква, типска трафика, иста како пластичната од Струга, но метална, бидејќи нему така му беше најлесно. И, ја направи, па трафиката започна со работа во 1884 година, а работеше до 2003 година, на местото кај Османлијата, на Широк Сокак, на аголот, кај тогашната “Лотарија на Македонија“. Прво работеше татко ми, а потоа јас и мојата сопруга, со емоции ни зборуваше Целе, со неверување во она што го гледа, дека неговиот внук од ќерка му, Александар, со својот другар се обидуваат и за жал успеваат да ја растурат трафиката.Внукот Александар според годините кои ги има тешко дека ги разбра емоциите на дедо му и моите, иако со внимание ги слушаше нашите разговори, за неговиот дедо, работата на трафиката, за тоа каков бил и колку сакал да работи и да создава иновативни работи.-Многу сум слушал за трафиката кај компирчињата, знам дека ја направил мојот прадедо Борис, а работеле таму дедо ми и баба ми, а помагала и мајка ми. Сега ја растураме бутката, и ќе дојда камион да ја однесе во отпад. Мора да ја растуриме бидејќи е многу тешка и не може да се однесе цела. Тука, вака стои дваесетина години, и како гледате полека се распаѓа, вели Александар.

А, чичко Борис, на времето пред дваесет години, по десетина минути ни ги прекинуваше игрите бељот, пинг-пинг… мои, на Оливер, на Никола, на Дачката, на Цеко, на Климе… да му помогнеме да завртиме некоја страна на бутката, за кренеме нешто, да задржиме, а никогаш да ни свика дека галамиме или тропаме со топка и дека му пречиме во работата. Таков беше чичко Борис, работлив, скромен, мирен…А, вредниот Борис заедно со синовите Целе и Слободан ја создаде металната трафика, ја “покри“ со бакар, ја постави опремата, ја крена со кран и ја постави на Широк Сокак. Се понатаму е историја, која битолчани долго ќе ја раскажуваат. Компирите доаѓаа во работилницата во “Ушици“, се растовараа, се лупеа, се сечеа на машините кои чичко Борис сам ги направи. Потоа со неговиот жолт “опел кадет“, а потоа и со “ладата“ се носеа во трафиката на Широк Сокак. А, ние секое попладне го слушавме препознатливиот звук на машината која ги лупеше компирите.Кај “компирчињата“ дваесетина години беше култно место во Битола, на Широк Сокак. Место каде се купуваше помфрит во бела ќуљавка, помфрит за кој вредеше да се почека десетина минути, бидејќи секогаш се трошеше. Но, ова место ќе го го паметат неколку генерации битолчани, посебно оние кои првата средба со девојките и момчињата, кои веднаш одговаа на прашањето каде ќе се најдеме, веднаш одговараа: кај компирчињата.За жал, бутката за “комирчињата“ замина во историја, ја нема повеќе, не знаеме денес во кој отпад заврши…

Целе ми рече дека сакал да ја реставрира и да постави во дворот, бидејќи како рече со две цевки по шест метри можело да се поправи подот, а другото лесно се поправало. Но, тоа не се случи, а ние може да се запрашаме дали совесно се однесуваме со вакви култни објекти во градот, кои се дел од историјата и колективната меморија, а некому многу им значат. Бутката за “компирчињата“ како и чичко Борис веќе се историја, но сите да се потрудиме тоа да не се повтори, да не ни се повторува историја.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »