Здружението на лица со телесен инвалидитет „Монилност“ од Битола, Демир Хисар и Ресен, денес по Широк сокак одржа дефиле кое годинава се одвива под мотото “Се движам, значи постојам“, со единствен мотив да го свртат вниманието на надлежните за нивните проблеми. Со оваа манифестација, здружението основано во далечната 1987 година се обидува уште еднаш да ги потсети нашите сограѓани дека нивната битка за поголема пристапност не е завршена.
Дефилето на лицата со телесен ивалидитет започна во 10 часот од пред плоштадот „Магнолија“ и се одвиваше по Широк сокак и и заврши со литетартурно читање кое го организираат членови на литературниот клуб “Изгрев“ од Демир Хисар.
-И покрај проблемите кои ги имавме ние се одлучивме да го одржиме ова дефиле и литературното читање, бидејќи оваа актисвност беше во календарот на здружението. Манифестацијата ја организираме со цел да ја мотивираме заедницата, локалната и централната власт, за да се сетат на нашите проблеми и потреби на лицата со телесен инвалидитет. За нас единствена и најголема пречка претставува непристапноста до јавните објекти. Нема мобилност, нема движење без пристапност. За жал, на сите наши апели институциите одговараат декларативно, односно не ги одбиваат нашите барања и се за, но потоа ништо не реализираат, истакна примариус д-р Нико Јанков, претседател на здружението „Мобилност“.
Билјана Тодоровска, членка на здружението „Мобилност“, вели дека најголема пречка за лицата со телесен инвалидитет е непристапноста на улиците во Битола, додаде:
-Во 21. век, во оваа 2024 година, нема пристап до улиците во градот. Единствен пристап имаме само на Широк сокак, а на друго место не, затоа што има високи тротоари и високи барикади. Битола е град во кој нема услови за лицата со телесен инвалидитет, затоа што не само улиците, непристапни за нив се институциите, објектите за културни настани, трговијата. Пристапот до институициите и посебно до културните институции е невозможен. Низ градот, до маркети, користам превоз електричен скутер и тоа ми помага, но не е доволно затоа што бариерите се многу големи.
За учесниците на дефилето, членови на литературниот клуб „Изгрев“ од Демир Хисар приредија поетско читање со избрани творби пишувани на тема „Чекориме во ритамот на пишаниот збор“.
Немаше награди според прво, прво, второ или трето место, туку комисијата која ги оценуваше литератрните творби одлучи да има три награди, без посебен пласман. Авторите Зоран Котевски, Василчо Илиев и Миладин Угреновиќ добија симболични награди – пакет книги, кои им ги врачи претседателот прим. д-р Нико Јанков.
За оваа традиционална манифестација на МОБИЛНОСТ Битола беше изработен и соодветен плакат со леток, кој го отсликува годинашното мото „Се движам, значи постојам“, дело на Горан Талевски.






