Тренерот на Еурофарм Пелистер од Битола, Бранислав Ангеловски, на официјалната прес конференција го најави вечерашниот дуел против екипата на Спортинг во Лигата на шампионите, кој е лидер на табелата во групата со три победи од исто толку натпревари.
Ангеловски свесен со каков предизвик ќе се соочат ракометарите, но верува дека со поддршка од трибините ќе се покажат во одлично светло.
-Спортинг во Лигата на шампионите импресионира со одлична, тимска игра и нивната сила не е само во браќата Коста. Играат одличен ракомет и неслучајно имаат три победи во Лигата на шампионите и така лесно го демолираа Веспрем. Сепак, ова е нов натпревар, играме пред нашите гледачи, а битолската публика знае да препознае квалитет. Верувам дека со наша добра игра, публиката ќе ни помогне да се претставиме во одлично светло и да извојуваме победа против разигран противник. Можеби Спортинг не доаѓа од некоја најракометна земја, но Португалија во последно време и на репрезентативно и на клупско ниво напредува. Се надевам на наше одлично издание. Спортинг е добро компонирана екипа, бековската линија со браќата Кошта и Натан е нивни адут. Играат брзо, модерно и тешко е да се направи фаул врз нив. Нивната одлика е ефикасниот напад, кој постигнува преку 40 голови по натпревар. Последната победа против Бенфикаод петнаесет голови разлика не беше случајна, делуваат моќно во транзиција.










