Јанта Волеј – Пелистер Волеј 0:3
Пелистер Волеј од Битола, од почетокот на сезоната 5 кола по ред не знае за пораз, како на домашен терен во Битола така и на гостувањата. Тие и од Скопје се вратија со уште една фуриозна победа од гостувањето кај екипата на Јанта Волеј Бутел, со максимални 3:0 по сетови, 25:09, 25:09, 25:18.
-Апсолутна доминација од самиот почеток на натпреварот во кој битолскиот тим повторно покажа дека има сериозни амбиции за влез во првата државна лига и од таа патека не планираат да отстапат. Дефинитивно екипата созрева и радосен сум што атмосферата е победничка, а овие девојки наликуваат на едно големо семејство во, но и надвор од теренот. Среќен сум, секој тренер би посакал да работи со ваква екипа која дава се од себе за името и боите на клубот како и за својата Битола. Најверојатно не сме доволно свесни колку тие секојдневно даваат огромна жртва за се ова да изгледа вака убаво и победнички. Сите ние треба да им возвратиме со огромно внимание и почит, а Битола мора да препознае силен женски спортски колектив каков одамна немало, вели Роберт Митковски, тренер на Пелистер Волеј.