Денес во Битола екипата на Еурофарм Пелистер го игра најважниот натпревар во Лигата на шампионите, и со победа над Висла големи ќе бидат шансите да се помине групната фаза и да играат натпревар од елиминациона фаза ќе станат реалност.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо за вечерашниот дуел од Лигата на шампиони вели:
-Нè очекува тежок натпревар, па ни треба цела енергија и сите навивачи. Висла е тим кој е граден да ја освои Лигата на шампионите и напредуваат секоја година. Веќе 6,7 години работат на голем проект, многу пораснаа во последните две години. Сакаат да бидат број еден во Полска и почнаа да ги победуваат клучните натпревари против Келце. Оваа сезона можеби не се на местото на кое треба да бидат во Лигата на шампионите, но видовме како играат на последниот натпревар против Фредериција. За нас е најважно да го дадеме максимумот, да се обидеме да ги победиме пред нашите навивачи. Се подготвуваме на ист начин како на претходните натпревари, работиме на детали, но пристапот и почетокот на натпреварот ќе ни биде многу значаен“, рече тренерот на Еурофарм Пелистер.
Шпанскиот стратег зборуваше со суперлативи за својот колега на клупата на Висла, Сабате.
-Сабате е искусен тренер, работел и во Веспрем, а врши одлична работа и во Висла. Гради големи нешта, исто како што тоа го правеше порано. Големи ракометари играат во сегашниот ростер, а исто така и ќе дојдат во иднина. Негува типичен шпански стил, неговите екипи играат паметно, се адаптира на секој ривал и има многу идеи зад неговата работа. Се радувам што пак ќе се сретнеме, но за време на натпреварот ќе се обидеме да го победиме“, додаде Алонсо.
Натпреварот во Битола се игра со почеток од 20:45 часот.










