Press "Enter" to skip to content

Голема акција на МВР поврзана со работењето во РЕК Битола, Васко Ковачевски не е во земјата, премиерот вели: ќе го обезбедиме

Утрово има големи претреси во Битола, Велес, Кичево и Скопје. Уапсени се голем број физички лица, а опфатени се и неколку правни лица од повеќе градови.

Во акцијата досега се приведени повеќе лица за криминал со јавните набавки за РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј, но не и поранешниот директор на ЕСМ Ковачевски. Тој од октомври е надвор од државата. Кај дел од приведените најдени се повеќе од 130 илјади евра во кеш.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека согласно информациите кои ги има од структурите на МВР, се работи за организирана група на високи претставници на РЕК Битола, како и за лица кои управуваат со други правни субјекти, кои се здружиле и направиле криминал од 6,5, милиони евра. Според него, најдени се и обезбедени многу докази, но ќе остави на Јавното обвинителство и судовите да си ја завршат работата.

-Сите приведени лица, освен Ковачевски, кој набрзо ќе биде обезбеден ќе ги изведеме пред лицето на правдата и тие треба да дадат одговор за сомневањата кои ги имаме. Загрижувачки е тоа што е најдено, а се однесува на криминалите кои се правени. Знаете дека бевме обвинувани дека многу малку сме презеле акции во насока на обезбедување на лицата кои се вплеткани во криминални активности. Но, ние, велевме и баравме трпение, бидејќи мора да имаме јасна процедура и најважно од сè е да има соработка меѓу двата клучни фактори – обвинителството и судството. Тие досега беа лојални на претходните структури, но сега како да гледам дека сè повеќе се приближуваат кон правдата. Ја повикувам јавноста будно да следи, а сè што зборуваме за организираниот криминал ќе и биде достапно на јавноста, а доказите ќе ги изложуваме транспарентно. Нема да правиме циркус или естрада, правдата е спора, но на крајот победува, рече Мицкоски.

Се очекува и официјално сооптение на МВР.