Press "Enter" to skip to content

Одбележани 10 години Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола (фотогалерија)

Популарноста на информатичко комуникациските технологии како еден од современите предизвици на времето во кое живееме, секојдневно се потврдува во работата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, единица на УКЛО, која одбележува 10 години постоење.Овие непобитни факти, беа во фокусот на јубилејниот настан на ФИКТ, чии студии со својот предзнак – студии за иднината, се атрактивни бидејќи побарувачката на информатички, стручен кадар е потреба за секоја сериозна, модерна и одговорна компанија.Деканот на Факултетот, проф. д-р Благој Ристевски потсети дека во изминатите 10 години ФИКТ беше организатор на хакатони, саеми на кариера, средношколски натпревари, меѓународни конференции.-Во овој период на ФИКТ се запишаа и студираа над 1800 студенти, дипломираа, магистрираа и докторираа над 1200 студенти. Бројот на трудови објавени во референтни научни публикации индексирани во Scopus и Web of Science од автори од ФИКТ има растечка тенденција и процентуално од сите индексирани трудови на автори од УКЛО, изнесува над 2о проценти. Тој се осврна на динамика на промените во новото време кое за ФИКТ е предизвик кон нoви пристапи, потреба за постојано менување, адаптирање, надградување и усовршување.Од име на УКЛО, ректорoт, проф. д-р Игор Неделковски нагласи дека иако е ова најмлад факултет, неговите корени се подлабоки, од пред дваесетина години со првата студиска програма по информатика на Техничкиот факултет и од ФАМИС.-ФИКТ е повеќе од Факултет, тоа е еден од столбовите на економскиот развој на Битола и регионот, бидејќи информатичката индустрија во Битола е една од најразвиените во Македонија, а ФИКТ има на располагање кадри кои може да се вклучат во развојните деловни процеси веднаш по дипломирањето.Дека младите се повеќе знаат дека информатичките знаења не се само глобален тренд, дека тоа се занаења поврзани со иднината на секое општество, потврдува одржаната промоција на дипломирани инженери и магистри на ФИКТ.Нивните успешни приказни и поединечно и воопштено говорат дека со стекнување диплома на ФИКТ младите луѓе веднаш го започнуваат и својот професионален пат. Воедно, со добрите финансиски бенифиции што ќе ги стекнат по вработувањето, дипломираните инженери и магистри стекнуваат самостојност, уште поголема сигурност и лична сатисфакција. Тие потсетуваат на идејата дека само преку најновите технологии може да се придонесе и за социјален и економски напредок во новиот дигитален свет.Теодора Силјаноска вели дека ФИКТ претставува нејзин втор дом. Таа дипломските студии ги заврши како најдобар студент и како магистрант таа е годинашен добитник на признанието Инженерски прстен и веќе продолжува на трет циклус студии. Изрази благодарност до професорите и Факултетот за несебичното споделување на знаењата, и оценува дека ФИКТ покрај теоретски нуди и практични усовршувања и знаења. Веќе работи во ИТ секторот и на ФИКТ е вклучена како демонстратор.Силјаноска со својот пример покажува дека ова е професија којашто е ценета и барана во светот и ги охрабрува своите помлади колеги да студираат дома, во сопствената земја, бидејќи според неа, знаењето е највредното нешто, а да се инвестира во стекнување на квалитетно знаење ќе продуцира кадри што ќе бидат двигатели на промени и развој на општеството.Јубилејниот настан  се одржа  во присуство на раководството на УКЛО, декани и директори на единиците од Универзитетот, сенатори, академски кадри и вработени, на кои им се доделени пригодни јубилејни благодарници.Прославата по повод 10 години Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола се одвиваше во амфитеатарот на Факултетот.

Е. Атанасоска

More from ВестиMore posts in Вести »