Денес во Битола ретко убав есенски ден, во последната декада на октомври, кога од не така далеку од нас доѓаат вестите за првите снежни врнежи, ние имавме ден исполне со сонце. Над Битола преубав поглед кон градот, а двата манастири кои се наоѓаат над Баирот, над Ушици, само ја надополнија оваа есенска убавина. Но, за жал само малкумина битолчани, можеби ќе се избројат на прстите на рацете, уживаа во оваа природна убавина, запалија свеќа и се помолија на Бог и секако се заблагодарија за оваа божја убавина.
Природата заедно со владетелите ги граделе величествените православни храмови оставале зад себе повеќе од камен и ѕидови – оставале трага од своето време и својата вера, а така е и над Баирот и Ушици. Нашите сограѓани, луѓе скромни и ненаметливи, го направиле истото, само без круни и престоли, само со желбата да создадат нешто што ќе ги надживее, а ги надживеало, и ќе не надживее. Вистинската големина не се мери според тоа колку имаш, туку според тоа што оставаш зад себе.
И додека есента тивко ги распостилаше своите бои околу двата манастири, кои се издигаа кон небесното синило ни даваат посебен мир. Манастирите се градени со раце, но пред сè со срце, затоа ова место е толку убаво. Во неговите камења, покрај молитвата е вградена и човечката добрина. А таа, како и есенските бои што денес нè опкружуваа, остава трага што не избледува.
По една угорнина, над Битола, пред нас се отвори раскошот на есента гледана од Баирот. Природата се разлеала во безброј нијанси – од светложолта и портокалова, преку окер и сите тонови на кафената, па сè до топлата бакарна боја. Како некој невидлив сликар да го обоил секое дрво, секоја гранка, секој дел од пејзажот… А меѓу нив, покрај патеката, дивите капинки и шипинки нè мамеа да застанеме, да набереме од даровите на природата.
Додека чекоревме нагоре, низ тишината на есенскиот ден и свежиот воздух, секој нов чекор нè водеше кон нешто посебно. А кога се искачивме на угорнината, пред нас се отвори глетка што го запира здивот, манастирот “Св. 40 маченици“ или Кркардаш. Стоеше исправен пред синото небо, достоинствен и величествен, како да отсекогаш бил дел од овој предел. Во неговата појава има нешто што ме потсети на страниците од романите на Толстој, на неговите описи на руските цркви што ги издигнувале владетелите — градби во кои каменот не е само материјал, туку сведоштво за верата, времето и човечката посветеност.
Гледајќи го, човек помислува на старите православни храмови, дека тоа се градби што ги надживеале современиците кога се граделе, а ние кои сега сме на овој земски живот уживаме во нивната убавина. Во таквите храмови каменот не е само градежен материјал. Тој е сведоштво за верата, за времето и за човечката потреба да се создаде нешто што ќе трае подолго од еден човечки век.
Но, на овој рид постои и една понова приказна, приказна за манастирот „Св. Архангел Михаил“, а убавината на овој манастир, кој сега пеубав, а се уште е во градба, крие уште една, можеби и поважна приказна. Не го подигнале владетели со своите богатства и раскошни дворови, туку луѓе од народот – ентузијасти, а подигнале и вредни ѕидари од Смилевски Баир, со помош на добри луѓе кои донирале и придонеле секој колку што можел. Со свои раце, со труд, со љубов и со вера, тие го создавале она што денес гордо се издига пред нашите очи.
Можеби имињата на сите дарители никогаш нема да бидат испишани на мермерни плочи. Можеби никој нема да ги спомнува во големите историски книги, но ќе се паметат, оние кои ги споменуваме, брачниот пар кој ја започна градбата, Јован Ковач, Ѓорги Бајљумот, Бранко, Борис, Ромео…, обичните луѓе, луѓе кои што веруваат, оние што даруваат, оние што градат со рацете, но пред сè со срцето. Нивниот придонес е вграден во секој камен, во секој ѕид и во секој детаљ на она што го создале. Нивната награда не мора да биде признание. Доволно е да знаат дека направиле нешто добро, нешто што ќе им служи на луѓето и ќе ги пречекува и оние што допрва ќе доаѓаат.
А, таму погоре, на Калето над Битола, се темелите на црквата “Успение на Пресвета Богородица“, каде е крунисан Гаврило Радомир, син на Цар Самоил. Темели на црква која мора што поскоро да се изгради, да биде сведок на едно многу постаро време, време пред 1.000 години, за нешто за што се уште се зборува и денес, а ќе се зборува и можеби уште толку и повеќе.
Стоејќи таму, меѓу природата и светите храмови, човек сфаќа дека убавината не е само она што го гледаме. Таа е и она што го чувствуваме, она што го дознаваме за луѓето и она што останува зад нив кога ќе не нашуштат.
Овие ридови над Битола не нудат само прекрасна есенска глетка. Тој нуди средба со верата, со историјата и со човечката добрина. Нè потсетува дека духовното наследство не е нешто што само го примаме од минатото, туку и нешто што сме повикани да го продолжиме.
Додека си заминувавме опкружени со раскошните есенски бои, помислив колку е убаво кога човечките раце ќе создадат нешто што природата потоа ќе го прегрне со својата убавина. И додека есента тивко ги распостилаше своите бои над Битола, кај манастирите се издига небесното синило.
Жанета Ристевска
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo/?fbid=1754693953036090&set=pcb.1754695099702642











