Судијата Александар Камбовски од Битола е нов претседател на Судскиот совет на Македонија. Камбовски функцијата ќе ја извршува во следните две години, беше избран едногласно на денешната 510. седница на Советот, прва во новата 2025 година.
-Ви благодарам колеги на убавите зборови. Не сум изненаден, но ми годат убавите зборови. Ви благодарам на довербата што ја искажувате кон мене и ако помине овој избор верувам дека ќе ја исполнам таа доверба што сите ми ја давате. Бидете уверени дека институцијата ќе се води со интегритет, непристрасност и максимални напори за заштита на судската независност. Ова е куќа на судиите, ги охрабруваме да работат согласно законите и да не потпаѓаат под никакви влијанија. Крајно време е да се стави крај и секој судија кој не работи според законите, туку според негови лични интереси и потпаднал под влијание, дека местото нема да му биде во судскиот систем, рече Камбовски.
Освен Камбовски, немаше други предлози за највисоката функција во Судскиот совет. Целата постапка заврши релативно брзо, за помалку од половина час Поддршка за изборот, Камбовски доби од сите 13 члена на Судскиот совет со право на гласа. Предлогот тој да биде новиот претседател на Судскиот совет дојде од членот на Советот Исамедин Лимани.
Во образложението на предлогот, Лимани рече дека Камбовски поседува интегритет и кредибилитет да ја извршува оваа функција и да се бори за непристрасно и независно судство. Наведе дека неговиот кандидат за претседател доаѓа од Апелацискиот суд во Битола, каде што пред да стане член на Судскиот совет ја извршуваше функцијата в.д. претседател. Посочи и дека Камбовски е избран за судија од втората генерација завршени слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.
Откако едногласно беше изгласан предлогот, заменик-претседателот на Советот, Ханиф Зендели, кој претседаваше со седницата, го констатира изборот на Камбовски и го покани да седне на претседателското столче.





