Press "Enter" to skip to content

Судскиот совет избра четири нови судии во Апелациониот суд Битола

Судскиот совет, со кој за прв пат престедаваше претседателот Александар Камбовски, денеска за нови судии во Апелациониот суд Битола ги избра судиите Билјана Белевска Пројковска за судија во кривичната област, и Ристо Сотиров, Дејан Крстанов и Александар Илиевски за судии за граѓанска област.

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски истакна дека на објавениот оглас за избор на еден судија за кривична област и тројца судии од граѓанската област формирана е Комисија за рангирање чиј претседател е Антоанета Димовска.

Со 13 гласа „за“  за судија во Апелациониот суд Битола во кривичната област, избрана е прворангираната Биљана Белевска Пројковска со речиси 20-годишен стаж, од кои 14 години работела на предмети од кривичната област во Охридскиот Основен суд.

За изборот на тројца судии во Апелациониот суд Битола за граѓанска област, претседателот на Комисијата за рангирање судиката Антоанета Димовска информира дека биле пријавени пет кандидати.

Прв на листата е судијата Ристо Сотиров (ОС Битола), втор е Дејан Крстанов (ОС Битола), трет е Кирил Јовановски (ОС Битола), четврти е Александар Илиевски (ОС Битола), и петта е Јасмина Шишковска Стојковиќ, која е судија и актуелен претседател на Основен суд во Прилеп.

При гласањето на Судскиот совет со 13 гласа „за“ беа избрани судиите Сотиров како прворангиран, Крстанов како второрангиран и со 11 гласа „за“ судијата Илиевски кој беше четврти на листата. Треторангираниот Кирил Јовановски не го доби потребното мнозинство за негов избор во Апелациониот суд Битола.

-Во поглед на начинот на бодување и рангирање повеќето од колегите изнесоа мислење дека тој не е добар. Некои измени се направени, во смисла на добивање бодови за јазикот. Имајќи го ова предвид како и фактот дека неспорно дека се многу блиску во поените сите кандидати  кои ги имаме, сметам дека не е нарушување на принципот доколку се направи пермутација со едно место. Значи ние не го бираме 20-от на листата туку наредниот, поради тоа ми беше полесно да ја донесам одлуката за наредниот кандидат, рече претседателот на Судски совет Камбовски појаснувајќи ги причните за неговото галасање.