Оствaрувањето на образовните и истражувачки можности на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со интеграција на жените и девојките во науката е меѓу основните постулати со кои УКЛО ја зајакнува својата конкурентска и компетитивна предност.
Родовата еднаквост во науката на УКЛО се најде во централните теми во одбележувањето на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, организирано од Македонското научно друштво – Битола, чија претседателка, професорката Даниела Андоновска Трајковска, својата научна кариера ја гради на УКЛО.
За силниот инпут од академските кадри од УКЛО, пред се жени и девојки во науката, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски како еден од главните говорници во дебатата посочи:
-Генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гуереш во воведниот дел на обраќањето има наведено „Родовата еднаквост во науката е клучна за градење подобра иднина за сите, но сепак жените и девојчињата продолжуваат да се соочуваат со системски бариери и предрасуди во продолжувањето на научните кариери“. https://www.un.org/en/observances/women-and-girls-in-science-day
-За среќа ние на УКЛО можеме да се пофалиме дека кај нас не е така и системските бариери и предрасуди се надминати, бидејќи 60% од вработениот наставно-научен/научен/наставнички кадар – се жени. Значи, тие својата професионална љубов и иднина ја гледаат во наставно-научната работа и ги совладале бариерите со кои жените во науката се соочуваат на многу места во светот (и во многу поразвиени држави од Македонија). Со постигнувањето на родова еднаквост е загарантирана и подобра иднина за сите (според зборовите на Гуереш и мое, а сигурен сум и Ваше убедување). Радува фактот што кај асистентите 67% се жени, а кај доцентите 55% (67% кај предавачите), што значи овој тренд на родова еднаквост на УКЛО е загарантиран и ќе продолжи. Во прилог е родовата статистика на наставниот кадар по единици. На докторски студии 47% од студентите се жени. Да бидеме горди на нашите постигнувања и да продолжиме да се грижиме за родовата еднаквост на нашиот УКЛО и во науката во Македонија, додаде Неделковски.
За активното учество на жените во академските и научни дисциплини на УКЛО се осврнаа и проректорите, Јасмина Буневска Талевска и Горан Илиќ. Тие го афирмираа постигнатиот напредок и признавањето на жените во науката како цивилизациска, политичка, етичка и професионална придобивка што се рефлектира во повеќе домени на УКЛО.
Две години по ред, најдобар научник на УКЛО е жена, професорката Анка Tрајковска Петкоска. Воедно, УКЛО како член на европската универзитетска алијанса – КОЛОРС, во својата структура има градбено јадро за еднаквост, диверзитет и инклузија, во чии рамки е инклузијата на девојките и жените во процесот на студирање, вработување, научно-истражувачката работа.
Учеството на жените и девојките во науката и воопшто на УКЛО, ја комплетира вертикалата за поттикнување долгорочен напредок и го позиционира Универзитетот како лидер во науката, како институционален модел за идните генерации.
Тоа впрочем е потенцирано во пораката на ректорот Игор Неделковски и активната поддршка на УКЛО по повод Меѓународниот ден на жените во науката – Да бидеме горди на нашите постигнувања и да продолжиме да се грижиме за родовата еднаквост на нашиот УКЛО и во науката во Македонија.
Дебатата, Жените и науката во организација на МНД – Битола, се одржа на 11 февруари 2025 г. во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.






