Сите ракометари на Еурофарм Пелистер од Битола се одлично подготвени за утрешната средба во Лигата на шампионите против екипата на Фуксе Берлин во Германија. Оптимизмот кај “пелистерци“ е поголем по одличниот натпревар во Битола, против екипата на Алкалид, во дербито на колото.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер до крајот на групната фаза имаат уште две средби, а шансите за нокаут-рунда постојат. Пред утрешниот натпревар во Берлин, Павле Атанасијевиќ рече:
-Имаме тежок распоред и немаме ден за одмор. Сепак, од прв до последен даваме максимум. Доаѓа Фуксе Берлин и пак ќе бидеме на висината на задачата. Тие се одлична екипа, имаат светски ѕвезди и одиме во Берлин да се обидеме да победиме. Тренерот ќе постави тактика во одбраната и нападот и мислам дека ќе одиграме на ниво. Не се откажуваме, играме до последна минута и тоа е карактеристика која нè краси. Никој не може лесно да нè победи. Сите сме мотивирани, нешто посебно игра во нашите тела и нема замар. Одиме чекор по чекор. Прво Фуксе Берлин, па потоа ПСЖ. Најубаво е да се игра пред македонски навивачи. Атмосферата која ја приредија „Чкембарите“ и битолчани едноставно те понесува. Убаво е тоа чувство.“, изјави Атанасијевиќ.
Дуелот меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер во Германија се игра во четврток од 20:45 часот.









