Денес на паркингот пред спортската сала во Битола се одржа едукативен настан посветен на безбедноста во сообраќајот, во организација на мото-клуб Конзули, кој оваа година одбележува 14 години активно постоење.
Настанот беше реализиран во соработка со Министерството за внатрешни работи – СВР Битола, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП), Мото Асоцијацијата на Македонија (МАМ), автошкола “Турбо Кар“, како и Црвениот Крст – Битола.
Во текот на денот, присутните имаа можност да присуствуваат на:
– Едукативни предавања и совети од експерти за безбедност во сообраќајот
– Демонстрации за важноста на користење на заштитна опрема
– Презентација од страна на автошколата
– Презентација за укажување на прва помош при незгода
– Делење на едукативни материјали со практични совети за возење и безбедност.
Целта на настанот беше да се подигне свеста кај младите возачи, возачите почетници, моторџиите и сите учесници во сообраќајот за важноста за одговорно и внимателно однесување на патиштата.
Организаторите истакнаа дека ова е само еден од многуте проекти на МК Конзули, кои освен што се посветени на мото културата, се активно вклучени во разни хуманитарни акции, крводарителски кампањи, како и волонтерска помош при елементарни непогоди.
Одличната посетеност и интересот на граѓаните потврдуваат дека ваквите настани се повеќе од потребни, а безбедноста во сообраќајот останува приоритет за сите нас.






