-Во чест на Коста Солев Рацин, великан, револуционер, поет и патрон на Основното училиште со ресурсен центар, со величината на неговиот пишан збор и длабочината на неговите пишани дела кои се траен и неповторлив белег на автентичноста на македонскиот народ блеснаа учениците и тимот на ОУРЦ “Кочо Рацин“ – Битола преку нивното маестрално дело “Црвениот поет“ на големата сцена на Центарот за култура – Битола.
Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ од Битола, со повеќе активности го одбележа својот патрон празник. Денес, во Центарот за култура во изведба на учениците и тимот од училиштето се одржа пригодна програма и чествување на традицијата и вредностите во чест на Коста Апостолов Солев Рацин.
Организаторите и учесниците на настанот уште еднаш покажувајќи ги своите креативност и ентузијазам докажаа дека секое дете заслужува можности за вклучување, поддршка и љубов, а попреченоста не е пречка за заеднички успеси.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека, успешноста на ваквите случувања е потврда на заложбата за постигнување заедништво и напредок, преку инклузивност, вреднување на посветеноста и мотивирање на младите за нови резултати.
На градоначалникот Коњановски, му беше доделена благодарница од училиштето за искажаната љубов, емпатија и заложба во создавањето инклузивна средина во која децата со попречност можат да ги развијат своите потенцијали и да бидат рамноправен дел од задницата.
ВД директорката на ОУРЦ “Кочо Рацин“ – Драгана Кирковска во своето обраќање рече:
-Мислам дека секој збор би бил премногу после бурата емоции од сето она кое мојот тим и моите ученици ни го приредија на штиците кои живот значат. Ме расплакаа како никогаш до сега. Благословена сум што се мои и што стојам зад нив како ветер во грб. Не постои улога која тие не може да ја одиграат само за да измамат насмевка на лицата на нашите ученици… учители се, актери, пејачи, танцувачи, лекари, пекари и што уште не, со нив се смеат, со нив плачат, затоа што сите ние заедно сме семејство, можеби не по крв, но по срце. И нашиот Кочо не е само една обична зграда од темели, тули и кров, таму има парче душа од секој од нас! и додаде:
-Јавно им се заблагодарувам што се такви какви што се, едни и единствени, со маестралното дело “Црвениот поет“ заедно испишавме историја. Историја за тоа дека љубовта секогаш победува. Слава и вечен незаборав за нашиот патрон Коста Апостолов Солев Рацин, сигурно би се гордеел со сите нас и нека ни е честит патрониот празник!
Ивана Карајанова – специјален едукатор и рехабилитатор која беше во улога на режисер на претставата, а воедно ја носеше и улогата на мајката на Кочо Рацин – Марија рече:
-Во улога на режисер на ова незаборавно дело инспирирано од биографијата за животот и делото на Коста Солев Рацин и истоимената серија “Црвениот поет“ и носејќи ја улогата на мајката на Коста Солев Рацин – Марија, претставувајќи ја тежината на македонската жена низ историјата, па се до денес, после собирањето на најемотивните впечатоци во мојот живот кои ми оставија вечен незаборав можам само да речам…
Таму на сцената животот тежеше илјада пати повеќе оти својот го носиш на грб, а туѓиот го оживуваш, таму илјадници пати да се родиш и да умреш се подготвуваш и го исплакуваш туѓото бреме преку своето, се смееш и плачеш за својата земја, за некогаш, за денес, за утре… А за она кое го пишувам, како и што рекол црвениот поет Коста Солев Рацин не одговарам ни пред еден суд, ни во едно време, ни на едно место!
Пишаниот збор е мојата душа и тоа никој и никогаш нема да може да ми го одземе!
Благодарност на учениците и целиот тим на ОУРЦ “Кочо Рацин“ – Битола што од првата проба одговорија и повеќе од достојно на секој предизвик, во секоја улога се вложија со сета своја енергија, без сите нив немаше ова маестрално дело да блесне на штиците кои живот значат!
“Срце порта највисока, срце – куќа најширока!“, такви срца имаат луѓето на Кочо! Вечен патронен празник!







