Press "Enter" to skip to content

Во Битола одржан панел на тема „Жени во енергетиката: Од визија до акција“ (фотогалерија)

Денес во Офицерскиот дом во Битола се одржа панел-дискусија на тема „Жени во енергетиката: Од визија до акција“, настан кој отвори важен општествен и професионален дијалог за родовата застапеност и улогата на жените во енергетскиот сектор.Настанот беше организиран од Фондацијата ПРЕДА Плус со поддршка од Европската банка за обнова и развој (EBRD) и Климатскиот инвестициски фонд (CIF), во рамки на техничката асистенција „Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan“, како дел од меѓународната програма Women-Led Coal Transitions (WOLCOT).Панелот беше дел од Отворениот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и се реализираше како активност во рамки на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.Фокусот на дискусијата беше насочен кон охрабрување на младите девојки и жени да ја препознаат енергетиката како перспективна и отворена професионална патека. Преку искрено споделување на лични и професионални искуства, учесничките на панелот говореа за професионалните предизвици и можностите за развој во сектор што традиционално важи за машки-доминантен.Настанот отвори суштински разговор за тоа како образованието, менторството и институционалната поддршка можат да создадат реални услови за родова еднаквост и правична застапеност во процесите на енергетска транзиција.Во панелот учествуваа истакнати професионалки од областа на енергетиката, меѓу кои Весна Неделковска, дипломирана машинска инженерка и претседателка на Здружението на лиценцирани енергетски контролори на Македонија – ЗЛЕК, Николина Шутиноска Никодиновска, магистерка по електротехника и специјалистка за соларни системи, Жанета Сервини, директорка на СОТУ “Ѓорѓи Наумов” и докторка на технички науки, како и Мелиса Конџели, електроинженерка во МЕПСО.Модераторка на настанот беше Емилија Сарафска, советничка за енергетика во Општина Битола и магистерка по електроенергетски системи.Панелистките говореа за нивниот професионален пат, за бариерите со кои се соочиле, но и за факторите кои придонеле да останат и да напредуваат во својата професија. Тие упатија силни пораки до младите жени дека местото на жената во енергетиката не треба да биде исклучок, туку нормалност. Особено внимание беше посветено на важноста на образованието и потребата од поголема институционална поддршка преку програми за стипендии, пракси и менторства кои ќе овозможат вклучување на младите во реалниот сектор.Настанот заврши со заклучок дека овие платформи за споделување искуства не се само простор за инспирација, туку и алатка за градење системски промени.Панелистките споделија лични приказни, совети и визии за иднината на жените во енергетиката. Меѓу клучните пораки што одекнаа на настанот беа:

-Потребата од континуирана институционална поддршка и еднакви услови за напредување

-Важноста на техничкото образование и мотивацијата на девојките уште во средно училиште

-Поврзувањето на младите со индустријата преку програми за менторство, практична обука и стипендии.Панелот заврши со интеракција со публиката и охрабрувачки пораки за новите генерации жени кои сакаат да се реализираат во енергетскиот сектор.Настанот претставува значаен чекор кон јакнење на женската улога во транзицијата кон одржлива енергетска иднина и отвора простор за слични активности во иднина, како дел од пошироките напори за родова еднаквост и поодржлива и правична енергетска иднина.

More from ВестиMore posts in Вести »