Press "Enter" to skip to content

“Критична маса #1“ саем на книга/винил берза во Офицерски, во Битола (фотогалерија)

Водени од потребата на корисен и убав начин да ја адресираме, проблематизираме и актуелизираме горливата потреба од омасовување и култивирање на критичната маса која во моментот ја затекнуваме дека живее, се образува и твори во Битола – организиравме фестивал кој е конципиран како саем на книга и винил берза, а кој се одржа во периодот од 25-28 јуни на малото плато пред КИЦ Офицерски – Битола.

 Како што беше кажано и на самото отварање на фестивалот, идејата за името и играта со зборови и концепти на фестивалот имаат корен во една автоиронична изјава на Вуди Ален кога во една прилика некој книжевен критичар го прашал познатиот режисер, писател и музичар – што мисли, во иднина, каква корист би имале идните генерации од неговите прозни дела. Човекот, мртов-ладен, му одговорил дека, во најмала рака, некоја од неговите книги би можела да има практична примена па, доколку сте имале некаква климава маса можете неговата книга да ја пикнете под климавата ногарка.Токму такво е идејното решение за плакатот на фестивалот: и’ се обраќаме на критичната маса – која сè уште е присутна во Битола – а која е од круцијално значење за идните поколенија и нивниот квалитет на живот.

Токму таквите мотиви ги препознаа учесниците и излагачите на фестивалот „Критична маса #1“. Издавачките куќи: „Полица“, „Македоника литера“, Едука Мак“, „НУБ Климент Охридски“, „Пионерски бук-бар“, „Графопром“, излагачите на винил плочите „Q-Rec“ од Куманово и „Камај Медиа“ од Битола со нивната четиридневна презентација на меѓународно популарната и наградувана виртуелна тура низ Хераклеја.Концептот на фестивалот претендира не само сувопарно и стерилно штандовите на излагачите да бидат поставени на малото плато од КИЦ Офицерски, туку грамофонџијата Јордан Николов a.k.a B.Boy (кој годинава слави 30 години диџејска кариера) во текот на фестивалските денови исклучиво да „врти“ винил плочи, а дополнително беше воведен и еден новитет. Имено, во склоп на вежбата: „Раскажи ни ја плочата – па пушти ни ја“, сите пасионирани и заинтересирани колекционери, диџеи или љубители на винили кои сакаа со публиката да споделат некои од нивните омилени плочи, имаа ретка можност на професионална диџејска опрема прво да ни ја раскажат сентименталната вредност која најквалитетниот носач на звук ја има за нив – па да им ја пуштат на публиката.Последната фестивалска вечер ја заокруживме со првата винил компилација од битолски музичари насловена “We pretend it’s a city – Bitola” и продуцентот Никола Димитровски кој, прво ја раскажа – па ја пушти плочата.“

Неповторлива причина за радост на верните фанови на групата „Леб и Сол“ (кои вечерта на 26 јуни го отворија „БИТФЕСТ“ со маестрален концерт во античкиот локалитет „Хераклеја“) се покажа во форма на ретка прилика членовите на култниот македонски бенд на 27-ми во 11 часот да потпишуваат нивни винил плочи, или разна меморабилија од пасионираните љубители на нивниот музички опус.Дополнителна детска радост на фестивалот и’ влеа промоцијата на книгата за деца „Облачиња со сини очиња“ од Ели Маказлиева. заедно со дечињата од градинката „Естреја Овадија-Мара“ од Битола.

More from КултураMore posts in Култура »