-20 години, илјадници настани, уште повеќе моменти и пријателства! Чест и задоволство ќе ни е доколку присуствувате заедно да го прославиме нашиот јубилеј, порачуваат од “Инструментал бенд“.
Вечерва во античкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола ќе се одржи јубилејниот концерт на “Инструментал бенд“ со кој ќе одбележат 20 години постоење.
Членовите на “Инструментал бенд“ ги посетивме на нивната последна проба која ја одржуваа во Новата сцена во Центарот за култура, а за групата и нивниот вечерашен концерт зборуваше вокалот, Жарко Стојкоски.
-Денес, односно вечерва, прославуваме 20 години од постоењето на “Инструментал бенд“ кој ќе го одбележиме со добар настан, концерт, на кој работиме веќе подолго време, на кој битолчани ќе ги чујат нашите хитови, нашите авторски песни кои 20 години се пејат низ Битола и низ Македонија. Ќе ги споменам нашите авторски песни “Дојди на гости“, “Стара кола, романтика“, “Ме остави“, “Чекор по чекор“, “Очи пуне суза“…
“Инструментал бенд“ го менувал составот изниматите две декади, за што Стојкоски вели:
-Секако се менувал составот, а последните неколку години нема промени. Членови кои се од почетокот, од формирање на бендот моментало се Александар Коте Котевски и Михајло Манојловски. Јас сум дојден во бендот во 2017 година, саксафонистот Горан додје во 2021, тапанарот Кире Мулоски дојде во 2022, претходно тапанар беше Димитар Наумовски, како и Никола Стојановски кој дојде во 2012 година како гитарист.
Вечерва битолчани и гостите од околните градови ќе го видат “Инструментал бенд“ во друго светло, различно од тоа како ги гледаат на разни свирки, забави, свадбени веселби…
-Имаме широк репертоар, настапуваме во клубови, по дискотеки, на свадбени веселби, а овој концерт треба да го одбележи нашето 20 годишно постоење и ќе биде различен од се досега. Настапуваме со друг репертоар по кој сме познати кај публиката, а овој пат ќе ги изведеме нашите авторски песни и песните на нашите гости. Битолчани ги очекува добра забава, а тука се и нашите гости Анета Љумаковска, Ѓоко Јовиќ, Николче Мицевски, Димитар Андоновски, Бојан Стојков и Ламбе Алабаковски, рече Жарко Стојкоски кој упатува порака до битолчани да дојдат на концерт, ги очекува добра забава и заедничка прослава на 20 години “Инстументал бенд“.










