Во Офицерски дом во Битола свечено беше отворено второто меѓународно биенале на минијатурна уметност ИМБМ Битола 2025. Биеналето е организирано и реализирано од нејзиниот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар кој што воедно е и раководител на Меѓународното графичко триенале Битола.
Оваа година застапени се околу 600 автори, со околу 800 дела од повеќе од осумдесет држави, а според уметничкиот израз на пристигнатите дела, станува збор за една од позначајните ликовни манифестации во меѓународни размери.
Второто биенале на минијатурна уметност веќе е позиционирано во релевантните ликовни случувања и е одредница за современите уметнички текови во светот. После Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија, Романија а во преговори е и со Полска затоа што свое учество имаат над сто полски автори.
Биеналето го отвори д-р Драган Ристевски, галерист, кој што истакна:
-Очигледен е растечкиот интерес од страна на уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект, како и желба кај авторите да бидат дел од оваа меѓународна уметничка средба. Концептот на Биеналето – мал формат, е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно.
На самото свечено отворање, постхумно беше доделана специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими Тања Струмениковск Ристевска, ќерка на уметникот.
Специјална награда е доделена на Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања особено во минијатурната уметност, реализирана и преку неговиот циклус создаден од 1.000 графички дела- „Илјада и една љубовна приказна“.
Биеналето издаде и обемен каталог на 950 страници проследено со есеистички текстови на Владо Ѓорески.
[ngg src=”galleries” ids=”2516″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″ order_by=”pid”]











