Press "Enter" to skip to content

Вратите се отвараат во Битола, се е подготвено за Македонија – Италија под Тумбекафе

-Вратите се отвораат во 16:15 часот, ве молиме дојдете порано за да избегнете метеж и навреме да го заземете вашето место, сите да пристигнете навреме и заеднички да ја поддржиме нашата репрезентација до 21 година!

Битола, градот под Пелистер по цели три децении повторно ќе ја пречека македонската репрезентација. Денеска од 18:15 часот на стадионот „Петар Милошевски“ ќе се одигра квалификацискиот натпревар за Европското првенство 2027 меѓу младата селекција на Македонија до 21 година и репрезентацијата на Италија.

Непосредно пред одигрувањето на најголемиот фудбалски настан во изминатите 30 години на стадионот под Тумбе Кафе, Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија, во потребните рокови ги завршија сите подготвителни активности на доуредување и приспособување на стадионот „Петар Милошевски“ за одигрување на меѓународни натпревари од високо ниво.

Откако стадионот ја помина инспекцијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и доби лиценца за втора категорија, утре ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, помеѓу репрезентативците до 21 година на Македонија и Италија.
Изминатиот период, со огромна посветеност и професионалност на дел од вработените во Општина Битола и нејзините јавни претпријатија, Фудбалската федерација на Македонија и ФК Пелистер, се постигнаа бараните услови за добивањето на потребната лиценца од страна на УЕФА.

Битола за првпат по 31 година ќе биде домаќин на официјален репрезентативен меч, а новиот лик на стадионот „Петар Милошевски“ го прави ова случување уште поспецијално. Последен пат младинците играа на овој терен во 1994 година кога пристигна големата Шпанија.

Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ ќе каже:

-Кога зборовите се претвораат во дела. За рекордно краток рок, заедно со Општина Битола успеавме стадионот ‘Петар Милошевски’ да го претвориме во гордост на градот и во нов дом на македонската репрезентација. Горд сум на сите што беа дел од овој процес. Особено сум среќен што токму со натпреварот Македонија – Италија до 21 година Битола, по цели 31 година, повторно ќе биде домаќин на една наша репрезентација.“