Пелистер – Цедевита Јуниор 74:95
Вечерва во Битола кошаркарите на Пелистер не успеаја да го задржат стопроцентниот ефект што го имаа на домашен терен од стартот на сезонава, губејќи во „Боро Чурлевски“ од Цедевита јуниор со убедливи 74:95 во рамките од четвртото коло од ФИБА Европа купот.
Одличната трета четвртина беше недоволна да се земе скалпот на овој ривал, кој демонстрираше квалитет на теренот во Битола и заслужено стигна до четвртата победа во низа во ова европско натпреварување.
По три минути игра резултатот гласеше 3:3, по што гостите влегоа во шутерски ритам, а Пелистер се мачеше во одбраната. „Зелено-белите“ одржуваа резултатска неизвесност до 6:9 и 8:11, но Цедевита јуниор погоди неколку удари од далечина и набрзина стигна до 10:20, принудувајќи го Даскаловски да побара тајмаут. Хрватскиот состав имаше и „плус 12“, за со поените на Стајиќ првата четвртина да заврши со 17:27 за гостинските кошаркари, кои погодија четири тројки од пет обиди во овој дел од мечот.
Цедевита јуниор подобро ја отвори и втората четвртина, поведувајќи со 19:33, но по четирите поени во низа на Пелистер гостинскиот тренер веднаш побара тајмаут (23:33). Хрватскиот клуб постигна четири поени за помалку од минута, па Даскаловски беше принуден тој самиот да побара минута одмор. За жал, ситуацијата на теренот не се промени онака како што посакуваа битолчани, противникот лесно го контролираше резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминуваќи со 34:49.
„Пелистерци“ подобро го отворија второто полувреме, ја спуштија разликата под десет поени, па при 44:52 гостинскиот тренер го побара првиот тајмаут во четвртината. Митревски погоди тројка под прекршок и негативата за момент беше преполовена на 48:52, Пелистер продолжи со одлична игра и со новото забивање на Бејси Дејвис дојде на само еден поен негатива (53:54). Истиот кошаркар една минута подоцна погоди и тројка за 56:56. Сепак, финишот од четвртината мина во знакот на Цедевита јуниор, па хрватскиот тим влезе во последните десет минути со водство од 58:66.
Уште во раната фаза од четвртата четвртина Цедевита јуниор стигна до двоцифрена предност, што подоцна скокна и на 20 разлика (66.86). Остатокот од натпреварот мина во рутинско задржување на убедливото водство на гостите од Хрватска, кои триумфираа со конечните 74:95.
Брејси Дејвис ги предводеше стрелците на Пелистер со 21 поен, Ленгстон Вилсон имаше 16 поени, а двоцифрен беше и репрезентативецот Андреј Митревски, кој го заврши мечот со 15 поени зад своето име.
Дамијана Ристевска – Сашо Ристевски










