Press "Enter" to skip to content

Петре Димовски од Битола добитник на меѓународната награда “Гоцева мисла“ за 2026 година

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија презент“ ги соопшти добитниците на меѓународната награда “Гоцева мисла“ за 2026 година, што традиционално се доделува во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев 

Наградата “Гоцева мисла“ се доделува на личности кои со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите, а добитник за 2026 година е Петре Димовски од Битола, како и Зорица Митровиќ од Белград.

На Петре Димовски наградата му се доделува за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература, за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво што остава трајна трага во македонската културна историја.

Димовски е автор на повеќе од педесет дела – меѓу кои 21 роман, 17 збирки раскази и 7 драмски и монодрамски дела. Димовски со својот книжевен стил, тематска длабочина и континуирана творечка енергија, го збогатува македонскиот книжевен канон. 

Димовски е доботник и на други бројни награди и признанија, меѓу кои се „Стале Попов“, „Ванчо Николески“, „4 Ноември“, „Прозни мајстори“, „Живко Чинго“, „Тренд“, „Вермилион“, „Крсте Чачански“ и други.