Кошаркарите на Пелистер во Битола славеа рутински на премиерниот меч од новата година против Работнички, свесни дека наредниот предизвик е далеку потежок, а во борбата за висок пласман секој натпревар е од исклучителна важност.
„Зелено-белите“ денес во 19 часот ќе му гостуваат на Чаир, тим што игра во одлична форма и во минатото коло како гостин го совлада Куманово. „Пелистерци“ се свесни за силата на противникот, а ден од најискусните во таборот на Пелистер Никола Малешевиќ, јасно порачува што е потребно да се стори за да се стигне до позитивен резултат на ова гостување.
-Тешко гостување е пред нас, Чаир е тим што секогаш игра квалитетно, особено при настапите во својата сала. Затоа, ќе ни треба максимален фокус и концентрација, да го спроведеме на терен она што го работиме на тренинзите. Мораме да одговориме на нивната енергија, да им ги запреме главните играчи. Верувам дека сме способни за такво нешто и се надевам дека ќе се радуваме на крајот, истакна Малешевиќ.
Пелистер и Чаир досега имаат одиграно осум средби, на кои „зелено-белите“ имаат шест победи и два порази. Пелистер има пет победи на последните пет дуели со денешниот ривал, кого во првиот круг од оваа сезона лесно и убедливо го совладаа со резултат 104-74.






