На првата прес конференција на Народен театар Битола во 2026-та година, која беше посветена на премиерата на “Пламенка“ директорот Васко Мавровски, се осврна и на заложбите да продуцираат претстави од македонските автори на македонската драматургија, а се пофали со тоа што поподолго време театартот има позитвно салдо.
-Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на Жиголо по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026-та на мое огромно задоволство ја започнуваме со повторно праизведба на романот на Петре Димовски „Пламенка“. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“.
Мавровски истакна дека Битолски театар конечно е во позитивно салдо.
-Во однос на годишната програма, не можам да откривам детали бидејќи треба тоа сето да помине на управен одбор, но, можам да ве известам дека конечно Народен театар Битола излезе од темнината. За прв пат после долги години имаме позитивно салдо, благодарение на премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицковски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со директна финансиска помош од два милиони денари и со наши сопствени средства некаде повеќе од 2,5 милиони денари, успеавме долгот којшто верувајте многу долго време ни тежеше да го анулираме.
Успеавме да го зголемиме бројот на публика од седумнаесет илјади на триесет и четири илјади. Тоа е негде 98%. Успеавме да го зголемиме бројот на изведби на претстави од осумдесет и седум да ја стигнеме бројката 187. А полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година да продолжиме да работиме посветено, како што работевме минатата година.
И сакам да ја искористам приликата на сите 69 вработени во Народен театар Битола од срце искрено да се заблагодарам, бидејќи трудот којшто секој еден од нив поединечно го вложи, верувајте, беше огромен бидејќи правевме нешто за коешто треба малку повеќе време да помине за да може и да се реализира. Имаме рекорден број на премиери во историјата на битолскиот театар. Тоа се тринаесет премиери во неполни дванаесет месеци.











