На факултетот за Информациски системи и комуникациски технологии при Универзитетот “Св. Климент Охридски“ Битола се одржа завршниот настан на програмата “Вештини на иднината“, насочена кон унапредување на знаењата и вештините на вработените во АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија).
Oваа иницијатива, имплементирана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и поддржана од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, овозможи унапредување на вештините на над 600 вработени во AД ЕСМ.
Присутните ги поздрави проф. д-р Цветко Андреески, проректор за настава, и нагласи дека УКЛО е отворен за сите иницијативи.
Претставникот од ЕБОР порача дека од 93-та година се во земјава и се тука да го олеснат процесот на зелената трансформација како со грантови така и со поврзување со змејите кои веќе го поминале процесот.
Програмата обезбеди обуки во разни области од суштинско значење за праведната, инклузивна и одржлива енергетска транзиција, значително зајакнувајќи ја институционалната подготвеност на ЕСМ.
Заменик генералниот директор на АД ЕСМ Реџеп Асани се збалагодари на колегите кои беа дел од обуките истакнувајќи дека тие се иднината на енергетиката во Македонија.
-Процесот на енергетска транзиција е комплексен и бара многу повеќе од само нова технологија — бара нова логика и, пред сè, нов менталитет. Вие покажавте исклучителна подготвеност да излезете од зоната на комфор и да се соочите со предизвиците. Затоа, овие дипломи не се само обичен документ; тие се жив доказ за вашата адаптибилност, вашата желба за напредок и вашата улога како двигатели на промените. Веќе годинава почнуваме со реализација на три капитални проекти од зелената Агенда. Ќе градиме три фотонапонски електрани во Битола кои ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ и ќе влијаат на зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, а веќе е во тек и теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк Богданци. Конечно, во таа насока, користам прилика да им се заблагодарам на ЕУ, нивниот финансиски механизам за Западен Балкан- ВБИФ и нашите партнери кон Зелената транзиција- ЕБОР и КфВ Банка“.
–Исто така, би сакал да и се заблагодарам и на министерката Божиновска за нејзината посветеност реализацијата на овие проекти да се стави на брза лента, рече Асани.
Министерката за енергетика рударство и минерални суровини потенцираше дека праведната транзиција се луѓето, само градењето на енергетски капацитети без луѓето немаат значење.
Во своето обраќање, Божиновска нагласи:
-Енергетската трансформација не започнува со технологијата, таа започнува со луѓето. Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да управуваат со промените што доаѓаат, а со тоа институцијата станува посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат.
Беа прикажани реализираните активности, постигнатите резултати и вкупното влијание на програмата врз развојот на човечките ресурси во ЕСМ.
Воедно, беа претставени и новите иницијативи што ЕБОР ги подготвува за поддршка на праведната транзиција, како продолжение на досегашните активности.






