Press "Enter" to skip to content

8 жени од Битола – Весна, Јована, Лилјана, Магдалена, Маја, Олга, Светлана и Силвана со силни пораки за 8 Март (фото)

М-р Жанета Ристевска

Празникот Меѓународен ден на жената – 8 Март е потсетник на долгата борба за еднаквост и права на жените, но и можност да се отвори разговор за предизвиците со кои жената се соочува и денес. Еден од најголемите предизвици останува балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, како и очекувањата кои општеството ги поставува пред жената. Денес, повеќе од еден век по иницијативата на Клара Цеткин за одбележување на овој ден, жените продолжуваат да ја водат својата борба – не само за еднакви права, туку и за признание, почит и можност да бидат тоа што навистина сакаат.

Дали жената може истовремено да биде успешна во кариерата, посветена мајка, сопруга и столб на семејството? Во современото општество токму ова прашање сè почесто се поставува, а одговорот најчесто го носат самите жени – секојдневно, преку својата работа, упорност и храброст. Иако жените денес се дел од сите сфери на општеството – од политика и бизнис до образование, култура и семејниот живот – стереотипите за нивната улога сè уште постојат. Од неа се очекува да биде успешна на работното место, посветена мајка и сопруга, но истовремено и секогаш насмеана, смирена и подготвена да одговори на секој предизвик. Во таа секојдневна трка, често се заборава дека зад сите тие улоги стои само жена која има свои потреби, емоции и граници.

По повод 8 Март, осум жени од Битола, Весна, Јована, Лилјана, Магдалена, Маја, Олга, Светлана и Силвана ги споделуваат своите искуства, предизвици и пораки за тоа што значи да се биде жена во 21 век (распоредот е по абучен ред).

М-р Весна Неделковска, дипломиран машински инженер и овластен енергетски контролор, управител на “3Д Визија инженеринг“

-8 Март е ден кога светот симболично им оддава признание на жените – за нивната улога во семејството, општеството и професијата. Но, за мене, како дипломиран машински инженер и енергетски контролор, сопруга и мајка, овој ден е пред сè потсетник дека почитта и вреднувањето на жената не треба да постојат само еден ден во годината, туку секој ден. Инженерството и енергетиката отсекогаш се сметале за професии во кои доминираат мажи. Кога го избрав Техничкиот факултет, знаев дека патот нема да биде лесен, но исто така знаев дека знаењето, трудот и упорноста се вредности кои немаат пол. Со текот на годините, преку работа на бројни проекти и професионални предизвици, имав можност да се докажам во областа во која работам и да стекнам почит од колегите и партнерите. Тоа е потврда дека жените можат рамноправно да придонесуваат во техничките и инженерските професии, исто како и мажите. Жената во современото општество има повеќе улоги – професионалец, мајка, сопруга, поддршка и инспирација. 8 Март треба да биде повеќе од симболичен празник. Тој треба да биде потсетник дека еднаквите можности, почитта и вреднувањето на трудот се основа на секое напредно општество. Жените не бараат привилегии – тие бараат признание за својата работа, знаење и придонес. Мојата порака за овој ден е едноставна: да ја почитуваме и цениме жената не само денес, туку секој ден, само така ќе изградиме подобра и поодржлива иднина – за сите.

Јована Ивановска – реформер пилатес инструктор-Благодарна сум за осми март и за сите жени пред нас, кои направиле значителни промени за жените да бидат таму каде што се денес. Го гледам денот како голем празник, затоа што секој заслужува да живее, да биде и да работи тоа што сака, без разлика на поделба по било кој основ. Како девојка, која има сменато неколку професии, ги охрабрувам сите да не прифаќаат помалку од тоа да се среќни и слободни. Сега сум инструктор за реформер пилатес и сум најсреќна и најсвоја досега. Секојдневно работам со многу жени, кои сакам да почувствуваат физички, но и психички промени после секој тренинг. Се трудам да им понудам на жените топла и пријатна атмосфера, каде секоја жена може да биде слободна, сакана и присутна. Се надевам дека во иднина, жените ќе бидат уште посвесни за својата моќ, ќе бидат посамоуверени и ќе превземаат акции без страв.

Д-р Лилјана Ристевска, ПЗУ “Лили дент“ и претседател на Црвен крст Битола-Силата на жената е во знаењето,хуманоста и храброста. Како жена, лекар и хуманитарец, длабоко верувам дека силата на жената лежи во нејзината грижа за луѓето,но и во храброста да отвара нови патишта. Да се биде прва жена приватен стоматолог во Битола за мене беше и предизвик и чест. Тоа беше време кога жените мораа со многу труд, знаење и упорност да го градат својот професионален пат и да покажат дека со посветеност и одговорност можат рамноправно да придонесуваат во општеството. Како претседател на ООЦК- БИТОЛА имам чест да бидам дел од активности кои ја потврдуваат силата на солидарноста,доброволноста и човечноста. Жените денес имаат се поголема улога во сите сфери на општеството- во медицината, науката, образованието и хуманитарната работа. Тие не само што создаваат и воспитуваат генерации,туку и активно учествуваат во градењето на подобра и похумана заедница .8 Март не е само ден на честитки и цвеќе, туку ден што не потсетува на значењето на почитта, еднаквите можности и поддршката што секоја жена ја заслужува. Со својата работа, знење и хуманост, жените секојдневно го прават светот подобро место за живеење. 

Магдалена Ристевска, регионален Менаџер на Евротип и Голд Слот за Битолска групација

-Да се биде жена лидер и мајка во денешно време значи да се носи голема одговорност, но и огромна сила во себе. Тоа е пат исполнет со предизвици, одлуки и постојана грижа за другите, но и со многу љубов и гордост. Жената лидер знае како да води, да создава визија и да инспирира. Таа храбро се соочува со предизвиците, носи одлуки и гради патишта не само за себе, туку и за оние што доаѓаат после неа. Нејзината сила е во нејзината решителност, но и во нејзината способност да слуша, да разбере и да поддржи. Во исто време, таа е и мајка – најважната и најнежната улога. Мајката е столбот на семејството, личноста која со љубов, грижа и трпение ги учи децата на вредности, почит и храброст. Таа е пример дека силата и нежноста можат да одат рака под рака. Да се биде жена значи понекогаш да се умориш, да се соочиш со тешкотии и предизвици, но и повторно да станеш посилна и поодлучна. Токму во таа способност да се продолжи напред се крие вистинската моќ на жената. По повод 8 Март, Денот на жената, да им оддадеме почит на сите жени кои секојдневно водат, создаваат, сакаат и се грижат. Нека овој ден биде потсетник дека жената е сила, инспирација и двигател на промените во општеството. Среќен 8 Март на сите силни, храбри и посветени жени! 

Маја Нечевска Ѓоргиоски, козметолог, едукатор и претприемач

-8 Март за мене не е само симболика, ниту формалност. Тоа е потсетник дека зад секоја силна жена стојат години вложување, учење, падови и повторни издигнувања. Да се биде жена денес значи истовремено да се биде и нежност и сила, и креативност и дисциплина, и мајка на идеи што постојано ги развиваш. Како жена претприемач во индустријата за убавина, секојдневно гледам колку многу жените вложуваат во себе – не од суета, туку од самопочит. Убавината не е површност, таа е самодоверба. А самодовербата е предуслов за секоја друга победа – лична, професионална и општествена. Современата жена секојдневно го создава својот баланс. Помеѓу работата и приватниот живот, помеѓу амбицијата и љубовта, помеѓу кариерата и семејството. Балансот не е совршенство – туку свесен избор да не се откажеш ниту од соништата, ниту од блискоста со оние што ги сакаш. Тоа е тивка, но моќна вештина што жената ја усовршува низ годините. Живееме во време кога жената повеќе не бара дозвола да успее. Таа создава, инвестира во своето знаење, гради сопствен бизнис, едуцира други жени и создава можности таму каде што порано имало ограничувања. Но и покрај напредокот, предизвиците не исчезнале – тие само ја смениле формата. Затоа 8 Март треба да биде и ден на благодарност, но и ден на свесност дека борбата за вистинска еднаквост и вреднување сè уште трае. Верувам во женската солидарност. Верувам дека кога една жена расте – таа отвора пат и за други. Успехот нема смисла ако не се споделува, а знаењето нема вредност ако не се пренесува. Денес, повеќе од кога било, жената е креатор на својата иднина. И затоа, 8 Март не треба да биде само празник – туку потсетник дека нашата сила, интелигенција и храброст не се исклучок, туку правило.

М-р Олга Лозановска, специјалист интернист и пратеник-8 Март, денот на жената е симбол на борбата на жените за еднакви права и можности и поголемо учество во општеството. Таа борба е една долга историја за право на глас, образование, како и учество во политиката. Како резултат на тоа, денес жените во политиката играат важна улога во носење на одлуки, развој на демократијата, како и создавање на праведно општество. Самото присуство на жените во институциите носи поинаква перспектива, поголема чувствителност на социјалните прашања и придонесува за подобри политики за сите граѓани. 8 Март не е само празник, туку и потсетник дека еднаквоста на мажите и жените и активното учество на жените во политичкиот живот се клучни за напредокот на секое општество. Да се биде мајка, жена, сестра, но истовремено и активна во професијата и политиката, не е лесно. Тоа бара голема жртва, одрекување, многу семејни моменти изгубени, но, истовремено и голема поддршка од семејството. Важно е секоја жена да се идентификува како храбра, силна, мудра, но и подготвена да ги реализира своите соништа. Среќен 8 Март.

“Успехот на една жена треба да биде инспирација за друга.“ – Серена Вилијамс.

Светлана Митревска – Менаџер за Финансии во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ БТ ДООЕЛ Битола

За мене 8-ми Март не е само празник, туку потсетник на долгата борба на генерации жени за право на образование, работа и еднакви можности . Денес жените се активни и успешни во сите области – од семејството до менаџментот и бизнисот. Работејќи во областа на Финансиите, секојдневно гледам колку знаењето, посветеноста и одговорноста немаат пол. Она што е важно се вредностите, трудот и желбата за напредок. Рамнотежата помеѓу професионалните предизвици со семејните обврски е секогаш предизвик , и токму во тој баланс лежи силата и големината на секоја жена. Верувам дека најголемата вредност на секоја организација се луѓето. Кога жените имаат можност да се развиваат, да учат и да напредуваат, тогаш напредува и целата компанија. Пораката за следните генерации е да вложуваат во своето знаење, вештини и да чекорат со човечност и самодоверба. Нека 8-ми Март биде потсетник да продолжиме да градиме средина и општество во кое секоја жена ќе има еднаква можност да го оствари својот потенцијал. Честит празник на сите жени!

 

Силвана Дејаноска, дипломиран правник, судски администратор во Основен суд Битола-8 Март, Меѓународниот ден на жената, е денот кога се одбележува борбата за економска, општествена и политичка рамноправност меѓу половите. Жените секој ден покажуваат дека не треба да постои разлика помеѓу половите, дека треба да бидеме рамноправни во секој сегмент во опшеството. Мојот најголем пример, дека жените можат и заслужуваат рамноправно место во опшеството е мојата мајка која тивко, храбро и ненаметливо го носеше товарот да биде столб на семејството како самохран родител, да ни овозможи образование, воспитување и да биде најголема поддршка на животниот пат. Работам во институција каде повеќе од две третини од вработените се жени. Работата ми овозможи одблиску да видам како жените се соочуваат со секојдневните предизвици во животот, од стекнување на образование, нивните лични предизвици како ќерки, мајки и сопруги и сето тоа да се избалансира со кариерата. Со гордост можам да кажам токму овие жени од моето секојдневие, кои работат во служба на граѓаните се пример дека може да се прави баланс помеѓу семејство и кариера, дека може и двете да ги имаме.

Сепак, иако сме далеку од времето кога жената беше невидлива, не се слушаше нејзиниот глас, ниту имаше право на избор, свесни сме дека се уште живееме во опшество каде до одредена мера владеат стереотипите за жените, дека се уште треба да се докажуваме дека разлика помеѓу половите не треба да има, дека секој поединец може да допринесе за подобро и понапредно опшество . За крај, би сакала во иднина да имаме еден поинаков 8 Март, не ден кој го одбележуваме со купување цвеќе или излегување. Туку ден кога ќе можеме да седнеме и да кажеме дека живееме во опшество во кое свеста на поединеците се променила и дека стереотипите за жените се надминати, жената може и да има семејство но исто така и да даде свој допринос во опшеството. Од срце Ви посакувам, честит празник на сите жени.

More from ВестиMore posts in Вести »