-Општинската организација на Црвениот крст од Битола по вторпат покажа дека младите имаат глас кој вреди да се слушне.
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, се одржа Ораторски натпревар на тема „Револуцијата на една хероина“, на кој десет ученици од средните училишта во општината, како и тројца претставници од Црвениот крст од Куманово, ја споделија својата визија за силата, храброста и влијанието на жената во општеството.
Во атмосфера исполнета со емоции, инспирација и искрени пораки, младите оратори зборуваа за жената како двигател на промените – како мајка, учителка, борец и визионер. Со своите зборови тие успеаја да разнежнат многу срца во публиката, но и да разбудат размислувања за личните револуции што секој од нас може да ги направи во општеството.
Присутните ги поздрави претседателката на Општинска организација на Црвен крст од Битлла – Лилјана Ристевска и лидерот на клуб на младите Лина Чашитовска, како и секретарот Кристијан Крстевски.
Стручната комисија, составена од професорката Николина Ѓуровска, магистер Марија Трифуновска Тасеска, Никола В. Ристевски и филологот и професор по македонски јазик и книжевност Сара Груеска, имаше тешка задача да ги избере најдобрите меѓу инспиративните говори.
Првото место го освои Јана Китановска, ученичка од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, под менторство на м-р Симона Петровска. Јана е и активен волонтер во рамките на организацијата, што ја прави оваа победа уште посимболична.
Второто место му припадна на Ива Додевска од Општинската организација на Црвениот крст Куманово, додека третото место го освои Марија Јовев од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, под менторство на проф. Николина Ѓуровска.
Овој настан уште еднаш покажа дека Битола има млади луѓе со идеи, храброст и љубов кон зборот. Градот има потреба од повеќе вакви настани – места каде што се негува мајчиниот јазик, се поттикнува критичкото размислување и се гради самодовербата на младите да го искажат својот став. Зашто понекогаш, една искрена мисла изговорена од млад човек може да биде почеток на вистинска револуција.
Жанета Ристевска






