Press "Enter" to skip to content

УКЛО Битола со нови простории за спортски активности за студентите (фотогалерија)

Во Студентскиот информативен центар  нa УКЛО, во рамки на колаборативниот простор, УКЛО-CoSpace, промовирани се новите простории за спортски активности. Претставени се условите и можностите што им се ставаат на располагање на студентите, со акцент на поттикнување на здрави навики, активен студентски живот и поголема искористеност на универзитетските ресурси.Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, посочи дека секое ново унапредување на просторот претставува значаен чекор напред за Универзитетот, истакнувајќи дека од неколку почетни простории денес функционираат повеќе содржини и центри во рамки на истиот. Посебно ја истакна важноста дека просторот е реализиран со сопствени средства на Универзитетот и со значаен волонтерски придонес од студентите, што претставува редок и вреден пример.  -Секое мое доаѓање тука ме остава без зборови. Тргнавме со една-две простории на долниот спрат, а сега веќе има повеќе тела и центри кои функционираат во рамки на овој Центар. Ми е посебно задоволство што промовираме катче за дружење на студентите, и тоа преку спорт – пинг-понг, шах, пикадо. Видов дека во друга просторија има и справи за трчање и фитнес. Така што очекувам дека нашите студенти ќе бидат што повеќе присутни во ова катче, ќе го користат и за разменување мислења, и за учење. Имаме тука и простор, и библиотека, но и можности за дружење преку спортски активности. Им се заблагодарувам на сите што придонесоа за ова катче, пред сè на нашата директорка на Кредо центарот, која и ќе го води овој простор. Тука е и нашата проректорка која е надлежна за студентите, како и сите вие – а најмногу на вас од универзитетските студентски тела, кои, како што сум информиран, несебично вложивте, работевте и помагавте. Посебна гордост ни е што ова е направено со сопствени средства на Универзитетот и со волонтерска работа на студентите. Тоа е ретко – вообичаено вакви катчиња се отвораат и промовираат со средства од ЕУ, НАТО или други големи фондови. Ова е направено буквално со скромниот буџет што го имаме како Универзитет и со вашата посветеност како студенти, преку волонтирање. Секоја чест, ви благодарам.Според проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска, со новите простории се постигнува баланс помеѓу учењето и рекреацијата, овозможувајќи им на студентите по академските обврски да се релаксираат и повторно да се вратат на учење со поголема мотивација, придонесуваат за развој на спортскиот дух, натпреварувачкиот карактер, но и за социјализација и вмрежување на студентите. Воедно најави организирање турнири и спортски натпревари, со цел поттикнување на активното учество и постигнување солидни резултати.-Идејата на денешното промовирање на овие спортски простори е на некој начин поврзување – прво учење, а потоа малку рекреација и повторно враќање на учење. Идејата е ваквите простори да имаат дел за учење, но и дел за рекреација, преку развивање на спортскиот дух кај студентите, за да се мотивираат за натпреварување. Тоа е нешто многу важно во развојот и оформувањето на младите личности. Пред сè, спортскиот и натпреварувачки дух, но она што е најбитно е социјализацијата и вмрежувањето на студентите, особено од битолските факултети. Дефинитивно, во план е организирање турнири и спортски натпревари, каде што ќе се запознавате и ќе се натпреварувате со студенти од други факултети. Ние тука не застануваме – веќе од наредната недела ќе почнеме да ги планираме и реализираме активностите. Вас, студентите, ве поттикнуваме да се пријавувате на натпреварите што ги организираме и да постигнувате резултати. Секако, ќе се трудиме да обезбедиме средства за да учествувате на вакви натпревари, но пред сè – да се дружите, да спортувате и да градите пријателства, што овој простор навистина го овозможува.Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Антонио Петковски, посочи дека реализацијата на овој проект е резултат на заедничка посветеност и ангажман меѓу Универзитетот и студентите, нагласувајќи дека станува збор за значаен чекор кон подобрување на студентскиот стандард и создавање поквалитетен студентски живот.-Прво, сакам да му се заблагодарам на универзитетот што го овозможи овој проект, како и на сите колеги кои помогнаа да се реализира. Мислам дека ова е добар чекор кон подобрување на студентскиот стандард и кон формирање на подобар студентски живот во Битола. Има простор тука и за студентски град.Со најнова иницијатива, чија промоцијата се одржа на 23.03.2026 година, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола продолжува да инвестира во унапредување на студентскиот стандард и создавање современа, поттикнувачка  средина за студентите.

More from ВестиMore posts in Вести »