-Граѓанските организации отворија клучна дебата: дали младинските политики навистина функционираат во пракса?
Во атмосфера на отворена и жива дискусија, граѓанските организации вчера во Скопје ја отворија една од најважните теми за младите – колку навистина функционираат младинските политики во пракса.
Про Локал ги претстави наодите од првото национално истражување за влијанието на Законот за млади (ЗМУМП), на сила од 2020 година. Резултатите од теренска работа и директни разговори со локални чинители од целата држава, дава јасна слика: постои сериозен јаз помеѓу тоа што е предвидено со закон и тоа што реално се случува на локално ниво.
Клучната порака што произлезе од настанот е едноставна, но загрижувачка – не е исто да си млад село или во град односно шансите за младите зависат од местото во кое живеат.
Според наодите, додека дел од урбаните општини успеваат да воспостават и одржуваат младински механизми, во помали и рурални средини тие или не функционираат, или постојат само формално. Ограничените ресурси, недостигот од инфраструктура и послабиот граѓански сектор директно влијаат врз можностите на младите да учествуваат во процесите на одлучување на локално ниво.
Овие наоди отворија суштинска дебата меѓу граѓанските организации – како да се премине од формално исполнување на обврските кон реално и влијателно младинско учество.
Во дискусијата беше нагласено дека токму граѓанскиот сектор игра клучна улога во овој процес – не само како двигател на промени, туку и како еден од ретките актери кои реално ја гледаат состојбата на терен.
Преку истражувањето беа споделени и конкретни примери што ја потврдуваат оваа улога. Додека во некои општини, како Гостивар или Битола, младинските центри функционираат, има обезбедени буџети и активни младински тела, во други – како Градско, Ресен или Долнени – младинските механизми или не постојат, или се нефункционални. Во одредени случаи, локалните младински совети постојат само формално, без програма за работа и без реално влијание врз одлуките.
Токму во ваков контекст, граѓанските организации се тие што ја одржуваат „жива“ младинската агенда – иницираат локални активности, ја следат имплементацијата на законските обврски и алармираат кога тие не се спроведуваат. Во помалите и рурални средини, каде што институционалната поддршка е ограничена, тие често се единствениот простор каде младите можат да се информираат, да се вклучат и да го кажат својот глас.
Истовремено, преку ваквите процеси, граѓанските организации директно придонесуваат и кон унапредување на законската рамка – пренесувајќи ги искуствата од терен во конкретни препораки за подобрување на системот
Сепак, шест години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, заклучокот што се наметнува е јасен – неговото реално влијание на терен сè уште е ограничено и не ги дава посакуваните ефекти.
Ова отвора едно суштинско прашање: дали е време да престанеме да ги третираме младите како хомогена категорија, и наместо тоа да креираме политики што ќе ги земат предвид реалните разлики помеѓу местата каде што тие живеат?
Искуството од терен покажува дека ист пристап не може да даде исти резултати во урбани и рурални средини. Затоа, потребни се пофлексибилни и прилагодени решенија, кои ќе ги адресираат конкретните потреби на младите во различни локални контексти, како и капацитетите на самите општини.
Во услови кога државата веќе има воспоставено институционална рамка, вклучително и надлежно министерство за млади, очекувањата се јасни – следниот чекор мора да биде премин од формално постоење кон реално функционирање на системот.
Зашто младинските политики имаат смисла само тогаш кога се чувствуваат на терен – од секој млад човек, без разлика каде живее.
Истражувањето е реализирано со поддршка на програмата Цивика мобилитас, финансирана од Владата на Швајцарија.






