Во просториите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа средба помеѓу раководството на Универзитетот и претставници на реномираната меѓународна издавачка куќа MDPI, на која беше разгледан договор за соработка со значајни придобивки за академската заедница.
На состанокот присуствуваа ректорот на Универзитетот, проф. д-р Игор Неделковски, проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ, советникот за издавачка дејност д-р Елена Китановска Ристoска, како и други претставници на Универзитетот, пред кои претставниците на MDPI ги презентираа можностите за унапредување на научно истражувачката работа преку нивната издавачка платформа.
Со договорот за соработка се предвидуваат поволности за објавување научни трудови за професорите, истражувачите, но и студентите од Универзитетот, што ќе придонесе кон зголемување на видливоста и меѓународната афирмација на научните резултати. Дополнително, ваквата соработка ќе овозможи олеснет пристап до процесот на публикување во високо рангирани научни списанија.
Иницијативата за воспоставување на ова партнерство, како што наведе и ректорот Неделковски, потекнува од Унијата на синдикати на јавните универзитети, во која активен член е Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Претставници од синдикалното раководство, проф. д-р Саша Дукоски, д-р Наташа Петрова- Поповски и м-р Александар Тодоровски, исто така, присуствуваа на средбата, воедно и како домаќини на настанот.
Присутните изразија задоволство од постигнатиот договор, оценувајќи дека истиот претставува важен чекор кон унапредување на научно-истражувачката дејност и поддршка на академскиот кадар во нивниот професионален развој. Соработката со MDPI се очекува да отвори нови можности за меѓународна соработка и размена на знаења.
*MDPI (Multidisciplinary Digital Publishing Institute – Мултидисциплинарен дигитален издавачки институт), е позната академска издавачка куќа, којашто нуди списанија и книги со отворен пристап. Како членка на Комитетот за етика во публикувањето (COPE), MDPI применува ригорозен процес на рецензија (peer-review) и ги следи строгите етички политики и стандарди, со цел да обезбеди објавување на висококвалитетни научни трудови. 512-те разновидни списанија со отворен пристап, вклучувајќи 503 рецензирани списанија и 9 конференциски списанија на MDPI, се поддржани од повеќе од 295.000 академски експерти од целиот свет. За да се обезбеди слободна, отворена достапност на најновите истражувања целата содржина се дистрибуира под лиценцата Creative Commons Attribution (CC BY).
MDPI ги застапува главните академски бази на податоци: Scopus, Web of Science, PMC, PubMed и MEDLINE. Портфолиото на MDPI опфаќа најмалку 298 списанија со импакт фактор, од кои 64% се рангирани во првите два квартили во нивните соодветни научни области.Сите списанија на MDPI се дигитално архивирани во целост од страна на Швајцарската национална библиотека и CLOCKSS, со што се обезбедува долгорочно зачувување на публикациите.






