Пелистер го почна настапот во плејофот со две победи над Маџари и Кожув, серија што „зелено-белите“ ќе сторат се да ја продолжат и на денешнио дуел со ТФТ кој се игра во Битола.
Актуелниот лидер на табелата е нов предизвик за „четата“ на тренерот Боро Даскаловски, а фактот дека сезонава се претрпени два порази од ТФТ е само мотив плус. Впрочем, Пелистер имаше два порази и од Кожув во пресрет на минатото коло, но битолчани покажаа квалитет и среде Гевгелија му зедоа мерка на овој противник.
-Очекувам квалитетен и интензивен натпревар. Не е тајна дека ТФТ е тимот што игра најдобра кошарка во лигата сезонава, но тоа е само мотив плус за сите нас. Веруваме во себе, дека можеме да стигнеме до победата што толку ја посакуваме. За да се случи тоа ќе треба да играме на исто ниво на интензитет како и нашиот противник. Дисциплина во одбраната и брзина во нападот, ако успееме во тоа верувам дека имаме сосема реални шанси да се радуваме на крајот, истакнува Кевин Брејси Дејвис, еден од најдобрите поединци во тимот на Пелистер оваа сезона.










