-Сцената на НУ Театар Битола се трансформираше во впечатлива модна писта, каде креативноста на младите дизајнери оживеа преку безвременски филмски инспирации.
Синоќа, во Народниот театар Битола, се одржа јубилејното петто издание на „Креативен ден 2026“, во организација на средното училиште „Таки Даскало“ од Битола и “Божоловиќ Продукција“.
Годинава, темата „ФИЛМ“ ги претвори култните филмски приказни во моден израз. Инспирирани од Pretty Woman, Clash of the Titans, Sabrina, Malèna, Breakfast at Tiffany’s, Barbie, 101 Dalmatians, мјузиклот Hair, како и серијата Şerbet-i Aşk (Cranberry Sherbet), тимовите создадоа уникатни модни креации кои ги носеа познати дами, претворајќи ја ревијата во вистински спектакл.
Настанот започна со емотивен осврт кон првото издание „Креативен ден 2021“, а модератор на настанот Неда Маретиќ на сцената ја повика Билјана Дамјановска, првата дама што ја отвори тогашната ревија, носејќи модел од темата „Коктел тоалети“. Публиката уживаше и во музички настап на ученици од Средното музичко училиште, што дополнително ја збогати вечерта.
Повеќе од 30 тимови од девет средни училишта и девет градови се претставија пред публиката на овој уникатен едукативно-креативен моден настан. Младите дизајнери работеа рамо до рамо со професионални ментори, создавајќи креации што ги оживуваа дамите – нивни музи и носители на приказната.
Секоја дама прошета во креација изработена специјално за неа, давајќи гласна и видлива поддршка на новата генерација модни креатори – потврда дека знаењата стекнати во стручното образование се веднаш применливи и значајни. Во модното дефиле учествуваа и професорките иницијатори на настанот: Ема Ќуќа, Живка Танушевска и Анита Стефановска.
Во таа магична атмосфера, жените самоуверено продефилираа, носејќи модели што не беа само облека, туку приказни — раскажани преку форма, текстура и движење.
Зад оваа креативна енергија стојат и бројни ментори-дизајнери: Никола Петровски, Андреј Ѓоргиевски Папаз, Благој Мицевски, Мартина Андреевска (Институт Изет Цури), Христијана Голубовиќ (Hristijanaclothingbrand), Ирена Стојановска, Александар Ортаковски (ТАО), Мирјана Момировска, Лили Кадинска (студио Ле Бранд), Снежана Петровска, Бети Дрогришка (Brainchild), Боркица – ателје „Angeles“, Анастасија Зулевска, Муамед Маликовски, Маја Андревска (MAYA), Моника Ангелевска (МОНСОЛО Ресен) и Весна Божиловиќ (ZARYA ethical style), заедно со професорите од училиштата од Битола, Штип, Богданци, Скопје и Виница.
Како резултат на континуираната работа и развој, годинава за првпат беше доделено признанието „Искра“ — статуетка што ја слави енергијата, визијата и посветеноста на поединци кои оставаат траен белег во македонската модна сцена.
Инспирирана од младоста и креативниот импулс, „Искра“ е обликувана како романтично фустанче поставено на кројачка кукла — симбол на идејата што се раѓа, се развива и оживува и ја добија: Светлана Богова, Снежана Сани Богоевска и Моника Коцарева.
Со ова признание, „Креативен ден“ им оддава почит на оние кои не само што создаваат, туку и инспирираат, охрабруваат и ја издигнуваат модата како култура и вредност во општеството.
„Креативен ден 2026“ уште еднаш потврди дека модата не е само облека — таа е став, вредност, платформа за соработка и моќна алатка за општествена трансформација.
Текст: Ж. Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска









