Press "Enter" to skip to content

Во Битола затворен “Танц Фест 2026“ со изведба на “Будење“ на кореографката Рисима Рисимкин и 30 танчери на сцена (видео+фотогалерија)

-Како завршен настан на “Танц Фест 2026“, оваа изведба во Битола го означува новото поглавје на фестивалот – со излегување надвор од Скопје и отворање кон нови простори и публики.Интернационалниот фестивал “Танц Фест 2026“ вечерва во Битола го затвори своето овогодинешно издание во Народен театар Битола, со премиерна изведба на претставата “Будење“ на кореографката Рисима Рисимкин.Станува збор за впечатлива сценска продукција во која настапуваат 30 танчери.Пред почетокот на претставата беше доделена специјалната награда “Менада“ за поддршка на современиот танц на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој се заблагодари за наградата и им посака на организаторите уште многу фестивали, а на публиката да ужива во претставата, во светлото, звукот и танцот на актерите.Затворањето на фестивалот со настан надвор од Скопје симболизира нов правец во развојот на фестивалот – проширување кон нови сцени и публика низ земјата.Претставата „Будење“ носи силна сценска енергија и се занимава со теми како меѓучовечките односи, стереотипите и судирот меѓу индивидуалниот и колективниот идентитет. Преку движење и телесен израз, танчерите ги отвораат прашањата за општествените норми, личните позиции и трансформацијата на човекот во современото општество.

Музиката за претставата ја потпишува Тони Китановски, костимите се дело на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн го изработи Матеа Мијановиќ.Инаку, “Будење“ носи силна сценска енергија и колективно искуство што ги поврзува личното и општественото. Претставата ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и динамиката помеѓу индивидуалниот и колективниот идентитет. Претставата се занимава со воспоставените форми на однесување и нивната деконструкција, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми и личните позиции во нив.Телото станува медиум преку кој се изразуваат емоции, конфликти и трансформации. „Будење“ е процес — патување низ личните и колективните слоеви на идентитетот, каде што секој танчер носи сопствена приказна, која се претопува во заедничко сценско искуство. Претставата кулминира како силно, емотивно и визуелно финалe на фестивалот.Вечерва во Битола настапија:  Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Димовска, Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Михаела Колцунова, Теона Ѓуревска, Надја Луканова, Ивона Манасиевска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Анеса Бектеш, Нина Ташкова, Ејул Јилмазчобан, Јана Ѓоршовска, Моника Ѓоргиева, Теона Голчева, Ивана Ралев, Евгенија Павловиќ, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Ана Митревска.

Ж.Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »