Пелистер – ТФТ 112:116
Пелистерци“ беа блиску до победата, но по голема борба беа поразени дури по дополнителните пет минути игра во „Боро Чурлевски“ во Битола
Кошаркарите на Пелистер во драматичен дуел загубија од ТФТ со резултат 112-116 (по продолжение од пет минути), по што серијата за третото место во македонскиот шампионат сега е израмнета на 1-1, пред мајсторката што ќе се игра во Скопје. За „пелистерци“ ова беше последен домашен натпревар сезонава, избраниците на тренерот Даскаловски повторно одиграа одлично во нападот, но нешто послабата одбрана беше причина „зелено-белите“ да не слават на овој натпревар.
Првата четвртина донесе ефикасна кошарка, а Пелистер прв се одлепи резултатски, најпрвин поведувајќи со 13-8, потоа и со 15-10 со поените на Вилсон. Џенкинс и Малешевиќ донесоа водство од убедливи 20-12, но ТФТ успеа да се врати до крајот на четвртината, со тројката на Ташовски во самиот финиш намалувајќи на 30-29. Во вториот период се играше максимално израмнето, екипите се менуваа во водство, за ТФТ да замине на одмор со водство од минимални 51-52, по последните поени што ги постигна Вилсон во ова прво полувреме.
Во сличен ритам беше одиграна и третата четвртина што ја отвори Малешевиќ со поени за 52-53, но следеа мини-серии на двете страни со кои тимовите се менуваа во водство. ТФТ имаше 68-71 во своја полза, но Пелистер возврати преку Џенкинс и Дејвис поведувајќи со 73-71, не реализирајќи и неколку напади за поубедливо водство. Гостите од Скопје се вратија, подобро ја завршија четвртината и во последните десет минути влегоа со 75-81.
„Пелистерци“ далеку подобро влегоа во четвртиот период, па предводени од одличниот Џенкинс го свртеа резултатот во своја полза поведувајќи со 82-81. Цврстата одбрана придонесе ТФТ речиси четири минути да биде без постигнат поен, а по новата украдена топка и забивање на Џенкинс гостинскиот тренер мораше да побара тајмаут (84-81). Гостите се вратија, па при 88-90 Даскаловски беше принуден да земе минута одмор за да ги консолидира редовите на Пелистер.
Џенкинс погоди „два плус еден“ за 91-90, но тоа беше се што Пелистер успеа да стори, следеше серија од шест поени на гостите кои се одлепија во клучните моменти, поведувајќи со 91-96 на две минути до крајот. Пелистер заигра далеку подобра одбрана во завршницата, поведувајќи со 96-98 откако Стајиќ реализираше едно од двете слободни фрлања, по што Смилковски побара тајмаут на 13 секунди до крајот. Ташовски го реализирае последниот напад со положување за 98-98, по што мечот беше решен во продолжение.
Вилсон постигна важни поени за 103-102, притоа изнудувајќи и петта лична грешка од Сомервил. Пелистер имаше 108-104, но повторно дојде до неочекуван пад што гостите го искористија за да поведат со 108-109. Во клучните моменти дојде до пад на концентрацијата, а ТФТ го искористи тоа за да слави со конечни 112-116 и да се избори за мајсторка во оваа серија за третото место во македонскиот шампионат.
Џенкинс беше најдобар поединец на натпреварот реализирајќи 37 поени, Вилсон заврши со 27, а Брејси Дејвис со 24 поени за Пелистер.
Мајсторката од оваа серија во плејофот ќе се игра викендов на теренот на ТФТ.










