Press "Enter" to skip to content

Горната гимназија од Битола го одбележа патрониот празник со уметност, младост и емоции (мега фотогалерија)

-По повод патрониот празник на СОУ Гимназија “Јосип Броз Тито“ – Битола сцената на Центарот за култура блесна во духот на младоста, уметноста и креативноста.

-Над шеесет ученици учествуваа во театарско-уметничкиот перформанс “Сонот на младоста“, глумејќи, танцувајќи и пеејќи, придружувани од училишниот бенд и солисти, создавајќи вечер исполнета со емоции, енергија и талент. Режисер на претставата беше Сара Радевска под менторство на професорката по македонски јазик Симона Петровска.Патрониот празник оваа година беше вистинска прослава на уметноста, заедништвото и младоста – вредности што гимназијата со гордост ги негува и ги пренесува низ генерациите. На почетокот од свечената приредба, директорката Лидија Споа ги поздрави присутните со зборовите:Нашата институција, како симбол на знаењето и темел на образованието, претставува вистински образовен светилник. Гимназијата е сериозна институција која свесно и совесно ги профилира идните академски граѓани на оваа земја, градители на подобар и посовремен општествен поредок и одговорни личности, кои му се неопходни на нашето општество. Од оваа гимназија произлегле голем број академици, лекари, архитекти, професори, уметници и градоначалници. Денес стоиме заедно исполнети со гордост, благодарност и радост, славејќи ги успесите што нашето училиште ги создава со години наназад. Нашата гимназија не е само место каде што се стекнува знаење — таа е дом на вредности, посветеност, талент и заедништво.Со особена чест можеме да се пофалиме со бројните успеси на нашите ученици на државни и меѓународни натпревари, а овие искуства не само што ги збогатуваат знаењата на младите, туку ги учат и на почитување на различностите, пријателството и европските вредности. Но, најголемата вредност на нашата гимназија се луѓето — нашите професори. Тие несебично се вложуваат, со љубов и посветеност ги водат учениците, ги мотивираат да веруваат во себе и да чекорат храбро кон своите цели. Потоа нашите ученици кои постигнуваат врвни резултати во учењето и достојно го претставуваат училиштето на натпревари, проекти, олимпијади и меѓународни средби. Нашата воспитно-образовна и општествена мисија е да создаваме млади луѓе кои ќе бидат образовани, одговорни, хумани и подготвени да придонесуваат за подобро општество.-Веруваме дека вистинскиот успех не се мери само со освоени признанија, туку и со вредностите што ги носиме во себе. Драги ученици, продолжете да сонувате, да учите, да истражувате и да се стремите кон нови височини. Вие сте гордоста на нашата гимназија и надежта на иднината, рече директорката Споа.Потоа пред присутните се обрати заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, која во име на Градоначалникот на Општина Битола го честиташе патрониот празник.-Навистина ми претставува особена чест и задоволство што денес сум дел од прославата на патрониот празник на вашата и нашата гимназија. Дозволете најнапред искрено да ви го честитам 25 Мај — патрониот празник на оваа значајна образовна институција, која со децении претставува симбол на знаење, традиција и интелектуален развој на Битола. Во оваа свечена прилика би сакала да се навратам и на еден особено важен настан — чествувањето на 80 години настава на современ македонски јазик, одбележано токму овде, во оваа гимназија. Тоа не е само јубилеј на образованието, туку сведоштво за истрајноста, идентитетот и културното наследство на македонскиот народ, рече Крстиќ и додаде:-Македонскиот јазик е нашиот глас, нашата меморија и нашата иднина. Тој е темел на нашиот национален идентитет, чувар на културата, традицијата и духовноста. Битола отсекогаш била град на културата, просветата и традицијата — град кој гордо го чува своето богато историско минато, но и храбро чекори кон иднината. А вашата гимназија е еден од најсветлите симболи на таа битолска традиција.Општина Битола во изминатиот период вложи значителни инвестиции за училиштето да добие подобри услови и нов, современ лик. Беа обновени кабинетите по хемија, реконструиран е влезот на училиштето, заменета е старата дограма со нова, енергетски ефикасна, а поставена е и настрешница во летната училница — простор кој денес претставува место за учење, дружење и креативност. Сето тоа е доказ дека вложувањето во образованието е вложување во иднината. Нашите ученици заслужуваат современи услови, инспиративна средина и можности за развој на своите таленти и потенцијали.

По поздравните обраќања, на сцената започна театарско-уметничкиот перформанс „Сонот на младоста“, во кој учествуваа над шеесет гимназијалци. Режисер гимназијалката Сара Радевска.Текстот за театарско-уметничкиот перформанс „Сонот на младоста“ го создадоа професорките Даниела Петровска, Весна Миндушева Велјановска и Милица Димитровска кои биле ученички во Гимназијата.   Инспирирани од безвременското дело на Вилијам Шекспир „Сон на летната ноќ“ — приказна во која светот на соништата, љубовта и младешката фантазија магично се преплетува со реалноста.Преку современ сценски израз, музика, танц и актерска игра, учениците испратија силна порака дека младоста е време на соништа, слобода, љубов и храброст да се верува во сопствените можности. Како и во делото на Шекспир, така и во „Сонот на младоста“, границата меѓу реалното и имагинарното исчезнува, оставајќи простор за надеж, креативност и магијата што ја носи младешкиот дух.Претставата беше вистинско патување низ емоциите на младоста.На крај на претставата на сцената се појави ментор професор по македонски јазик Симона Петровска. Со видлива возбуда и гордост, таа ги прегрна учениците — учесници во претставата — и со топли зборови им се заблагодари за секој миг поминат заедно, за секоја проба, секој вложен труд, секоја емоција и секој аплауз што заеднички го заслужија.Во атмосфера исполнета со силни емоции, насмевки и солзи радосници, професорката упати искрена благодарност до сите ученици, професори и соработници што беа дел од „Сонот на младоста“, нагласувајќи дека токму заедништвото, љубовта кон уметноста и вербата во младите создаваат моменти што долго ќе се паметат. Таа емотивна сцена беше најубавата потврда дека ова не беше само претстава, туку приказна создадена од срце — приказна за младоста, пријателството и магијата што останува засекогаш.На крајот од свеченоста беа доделени пофалници на учениците и менторите-професори кои во текот на учебната година постигнаа значајни резултати на натпревари, конкурси и проекти, придонесувајќи за успешна промоција на гимназијата.Благодарници за успешна соработка им беа врачени и на институциите со кои СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола остварува долгогодишна и плодна соработка.Свечената вечер уште еднаш потврди дека гимназијата не е само образовна институција, туку место каде што младите ја развиваат својата креативност, ги остваруваат своите соништа и создаваат вредности што ќе траат низ времето.

Жанета Ристевска

Фотографии: Дамијана Ристевска