24 е некако тивок број, ненаметлив. Има нешто зрело, смирено и силно, како потсетник дека не мора секогаш да бидеш најгласен за да оставиш впечаток и дека стабилноста е најсилна форма на сила. Носи чувство на ред и баланс, како нешто што полека се гради, без брзање и без врева.
А се некогаш започна како идеја, како една мисла во еден човечки ум. И токму тука почнува секоја вистинска приказна.
Таа мисла денес има тежина изразена во бројот 24. Низ годините имало обиди, враќања назад, менување на насоки. И во сето тоа, полека се кристализираше што има смисла, а што не. Секој проект ни остави нешто свое, некое искуство, некој нов начин на размислување.
Низ годините поминаа голем број на луѓе. Некои заминаа, други останаа, а уште многу доаѓаат. Веруваме во она дека луѓето знаат да изненадат кога ќе им дадеш доверба. Не сме сите исти, затоа им даваме шанса да го покажат најдоброто од себе во свое темпо и на свој начин.
И во ниту еден момент не заборавивме на заедницата. Општествената одговорност не е нешто што само се подразбира. Тоа е чувство дека не си сам во ова што го правиш и дека секоја твоја одлука допира некого, таму некаде. Понекогаш тоа се мали работи, далеку од очите на љубопитниот свет, ама токму тие мали работи прават разлика.
Мислата дека оставаме нешто подобро зад себе е најголемата мотивација што не води сите овие години. За се што доаѓа, за годините пред нас, си посакуваме мудрост.
А можеби токму во тоа е суштината, да поминат години, а она што те движело на почетокот да не ја изгуби својата смисла. Затоа што на крајот, 24 години не се само број. Тие се доказ дека некои работи вредат да траат.
БВ Инженеринг






