Press "Enter" to skip to content

Окованделија го отвора новиот циклус: „Артеизам“ – уметноста надвор од мртвата риба

-Ако сте во Битола или патот ве носи низ неа оваа сабота – отворањето на „Артеизам“ не се пропушта, “Окованделија“

Овде во Источна Европа често ја третираме културата како уловена риба – ја фаќаме, ја изложуваме на маса и чекаме реакции. Некој ќе го импресионира големината, некој ќе рече дека не е ништо особено, некому ќе му засмрди, а некој пак ќе ја смета за најубавата риба што ја видел. Сепак, сите се согласуваме дека околу неа нема многу што да се дискутира, да се размислува или да се толкува – и ја забораваме.

Затоа културата ни е рахитична.

На повеќето изложби и настани се очекува случајниот посетител да влезе, да се проврти, да подразгледа и сам да си најде некакво толкување, разбирање на делата. И во тоа нема ништо лошо, но го сведува ангажманот со уметноста на гола естетика и личен вкус: „ми се допаѓа“ или „не ми се допаѓа“. Недостасува целата димензија на разбирање – контекстот, времето и просторот, авторот и неговата околина.

Токму тој јазол го разврзува новиот алтернативен уметнички простор „Окованделија“. Ние сакаме да создаваме настани во кои културниот израз се доживува подлабоко – не само преку набљудување, туку преку вистински разговор со авторите и со контекстот од кој нивните дела доаѓаат. Затоа што уметноста не е нешто што го прави само уметникот. Таа се излева преку него, но не извира само од него. Уметникот во дел е само инструмент, канал низ кој тече нешто поголемо и посеопфатно. Уживање во културата делумно значи и храбро нурнување во тој таинствен дел од процесот на создавање. Така уметноста се доживува не само со очите, туку и со духот.

За почеток на новиот циклус, во сабота, 13 јуни во 21:30, Окованделија уникатно ја претставува изложбата „Артеизам“ – со тројца битолски уметници кои, иако добро познати на публиката, овојпат ќе ги видите и ќе ги чуете на сосема поинаков, алтернативен начин.

Оваа поставка најдобро ја отелотворува идејата дека делото не припаѓа само на уметникот, туку се создава преку него – и дека вреди човек да подзастане и да размисли за тоа.

Ако сте во Битола или патот ве носи низ неа оваа сабота – отворањето на „Артеизам“ не се пропушта.

„Окованделија“

Алтернативен уметнички простор (објект „старо Прогрес“) Битола

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »