-Концерт исполнет со емоции, виртуозност и љубов кон музиката… Младата пијанистка Мила Нечовска го одржа својот прв солистички концерт во прекрасниот амбиент на Офицерскиот дом во Битола.
-Настанот претставуваше значаен момент во нејзиниот музички развој и круна на долгогодишната посветена работа под менторство на проф. м-р Ана Стефановска, која со гордост го следи нејзиниот уметнички раст и успеси.
Пред бројната публика Мила се претстави со внимателно избрана и музички разновидна програма, изведувајќи дела од големите композитори Бах, Хајдн, Зографски, Скрјабин и Бабаџањан.

Со зрел музички израз, сигурна техника и впечатлива интерпретација, таа успеа да ја долови убавината и карактерот на секое дело, задржувајќи го вниманието на присутните од почетокот до крајот на концертот.

Настапот беше награден со долг и искрен аплауз, публиката ја испрати младата пијанистка со прекрасни впечатоци, а вечерта остана запаметена како музички настан исполнет со емоција, уметност и искрена љубов кон класичната музика.
Нашиот портал со особено задоволство го следи музичкиот пат на Мила Нечовска уште од нејзините најрани години. За неа првпат пишувавме во 2018 година, кога како седумгодишно девојче веќе бележеше извонредни успеси на натпреварите по клавир.
Своето музичко образование го започнува во учебната 2016/2017 година во Државното музичко училиште во Битола, каде што изучува солфеж кај професорката Јулијана Проја-Димовска. Од самиот почеток покажува голема љубов кон музиката.
Во 2017 година започнува да учи пијано во класата на проф. м-р Ана Стефановска, под чие менторство континуирано се развива и напредува.

Уште на седумгодишна возраст ги освојува првите места на општинските, регионалните и државните натпревари, а подоцна и бројни награди и признанија на меѓународни музички натпреварувања.
Во изминатите години Мила успешно го претставуваше Државното музичко училиште од Битола, својот град и Македонија на многубројни домашни и меѓународни натпревари и сцени.

Солистичкиот концерт претставува уште една значајна пресвртница во нејзиниот уметнички развој и потврда за нејзиниот голем потенцијал. Пред Мила Нечовска и нејзината менторка проф. м-р Ана Стефановска веќе стојат нови предизвици, меѓународни натпревари и концертни настапи.
Младата пијанистка Мила ќе продолжи да го потврдува својот талент и да ја претставува Битола на најдобар можен начин.
Гледајќи го патот што го измина од седумгодишно девојче вљубено во нотите до млада уметница со свој прв солистички концерт, јасно е дека пред младата Мила Нечовска претстои блескава музичка иднина.
Ж. Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска









