Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, одржа тркалезна маса: ,,Градење на Европскиот универзитет на иднината – кон Заедничка и Европска диплома“ со поднаслов “Европската диплома започнува од дома“.
Во фокус на дискусијата беа европските политики за развој на заеднички дипломи, интернационализацијата на високото образование и можностите што ги отвора иницијативата за Европска и заеднички дипломи.
Значењето на настанот е потврдено со присуството и активното учество на меѓународни и домашни чинители и засегнати страни од областа на високото образование, претставници на партнерските универзитети од Италија и Латвија, од алијансите што дејствуваат во Македонија, асоцирани партнери и институции на системот, како и претставници на Европската комисија, Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Асоцијацијата на алумни од Западен Балкан.
Темелите на Европската диплома и на организацијата на тркалезната маса, воспоставени со уште при формирањето на Алијансата, дополнително се зацврстени минатата година со потпишување на конвенцијата за првата заедничка диплома во рамки на Алијансата, што се реализира преку новата студиска програма Мастер МИНД, иницирана од Економскиот факултет – Прилеп, изградена врз широка платформа на соработка со сите единици на УКЛО, партнерските институции од Алијансата и со соработници од поширокиот академски и општествен контекст.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и раководителите на УКЛО КОЛОРС, проректорот, проф. д-р Јове Димитрија Талевски, проектен менаџер и проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, академски директор, нагласуваат дека создавањето на вистинска и реална Европска диплома наметнува системски потешкотии, но, македонската академска заедница е целосно подготвена, усогласена и решителна – да чекори во европскиот простор за високо образование.
Според ректорот Игор Неделковски тркалезната маса претставува почеток на еден важен процес, настан што ги руши бариерите за Македонија. Наместо да чекаме другите први да направат нешто, а потоа да се жалиме дека доцниме, со овој проект сме меѓу оние што се пред останатите, вклучително и пред некои земји-членки на Европската Унија. Ако успееме – а тоа сè уште е непознаница бидејќи нашето законодавство не го регулира ова прашање – најпрво ќе треба да се дефинираат правилата за заедничка диплома. Ако успееме, тоа ќе биде навистина пионерски чекор.
Проректорот проф. д-р Јове Димитрија Талевски, раководител на УКЛО КОЛОРС истакна:
-Европската диплома не е парче хартија донесено од Брисел. Таа мора да биде изградена „оддолу нагоре“ од самите алијанси кои служат како живи лаборатории и полигони за тестирање. За Македонија, оваа тркалезна маса е колективен механизам за усогласување на националните политики со Европскиот простор за високо образование. Токму затоа, секој учесник споделува свои размислувања и конкретни препораки за акција.
Академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска осврнувајќи се кон суштината на академската сила што се гради со овој процес, нагласува дека со бединувањето на сите релевантни чинители во високото образование, УКЛО станува место каде што се среќаваат идеите, се поврзуваат институциите и се создаваат решенија за развој и на економијата и на општеството.
-Заедно со нашите партнери го трасираме патот не само за универзитетите во Алијансата, туку и за целокупниот високообразовен систем. Во изминатите две години работевме на првата заедничка диплома во рамките на алијансата КОЛОРС. Програмата е наречена „MasterMind“ и произлегува од Катедрата за бизнис- информатика при Економскиот факултет во Прилеп. Во текот на овие две години беше развиен концептот, а сега работната група работи на конкретизирање на сите чекори потребни за акредитација на студиската програма. Процесот бара усогласување на голем број процедури и затоа денес се присутни и креаторите на политиките, кои можат да дадат одговори на многу од отворените прашања.
Проф. д-р Сандрин Лабори, координатор за двојни и заеднички дипломи на Катедрата за економија и менаџмент, од Универзитетот во Ферара, Италија се осврна кон постојните предизвици, различните регулаторни рамки во земјите што учествуваат во Алијансата што го прави процесот и долг и сложен, но и определбата – во развојот на програмата MasterMind да се препознава можност да се создаде заедничка магистерска програма што ќе одговори на современите потреби и ќе користи иновативни наставни методи.
Според неа, постојните правни и институционални пречки треба да се опсервираат како мотивација за сите партнери.
Настанот што се одржа во Офицерскиот дом во Битола на 5 јуни 2026 г. ќе резултира со документ за дијалог со креаторите на политики во земјава и ЕУ, во правец на реализација на фокусираните планови, инструменти и политики за раст и развој на Западен Балкан, како интегрален дел на развиена Европа.
Фото: Дамјана Ристевска






