Нова фабрика за производство на опрема за спортови на вода и ветер, во сопственост на компанијата „Брејнчајлд“, официјално беше пуштена во работа во индустриската зона “Жабени“ во Битола. Станува збор за приватна инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра, каде веќе се обезбедени нови вработувања за околу 230 лица.
На свеченото пуштање во работа присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека процесот за реализација на овој капацитет започнал на самиот почеток од мандатот на владата, како и заменици министри, пратеници, претседателот на Советот, секретарот на Општина Битола, директори на јавни претпријатија, стопанственици и други гости.
Брејнчајлд продукција и производство е новооформена фабрика во Битола од страна на странски инвеститор, посветена да постави еколошко OEM производство. Таа донесе револуција за индустријата за кајтови и крилја. Во моментот во “Брејнчајлд Продукција“ има 30 вработени, а во “Брејнчајлд Производство“ 226 вработени.
Се работи за две компании, посебни правни ентитети, од кои Брејнчајлд Продукција ДОО Битола е центар за истражување и развој каде што се тестираат нови технологии, се тестираат и произведуваат материјали за производство, се тестираат нови начини и се создаваат нови типови на производи. Додека пак Брејнчајлд Производство ДОО Битола е производна компанија, во која се мултиплицираат преку сериско производство веќе одобрените производи кои поминале на фаза на прототипи во центарот за истражување и развој.
-Денеска имаме приватна иницијатива која што на почетокот на оваа Влада започна со процесот на реализирање на оваа инвестиција и еве денеска сите сме сведоци, а и слушнавте од сопственикот на овој објект дека станува збор за една ретка инвестиција за производи кои што кај нас не така често се користат, а во светот се користат во делот на спортовите на вода, така што нас како Влада ни претставуваше особена чест и задоволство да можеме да поддржиме една ваква инвестиција каде што веќе околу 230 луѓе се вработени, инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра и на тој начин да продолжиме да поддржуваме инвестиции кои што ќе бидат додадена вредност во македонската економија, рече премиерот Мицкоски.
Пред присутните се обрати и сопственикот Ралф Гросел, светски дизајнер и инженер за производи за спортови на вода, кој рече:
-Денес отвораме нова фабрика за спортови на вода во срцето на Европа. Тука во Битола ние ја почнавме една од најиновативните и најодржиливите производни капацитети за производство на кајтови и крилја во светот користејќи најсовремени технологии како пробелт и догитално печатење. Поставуваме нови стандарди со полесни, поцрвсти и значително поеколошки производи кои веќе им овозможуваат на спортистите да освојуваат светски првенства. Кога пред пет години во Битола го отворивме нашиот центар за истражување и развој во Битола, го препознавме огромниот потенцијал на Македонија која во последните години покажа импресивен развој. Овој напредок во голема мера се должи на далекувидната и посветена работа на вашата Влада. Сакам да изразам голема благодарност на градоначалникот на Битола – Тони Коњановски за неговата поддршка од самиот почеток. Почитуван господине премиере, Христијан Мицковски ви благодарам и вам и на целата влада на Македонија за јасната и отворена поддршка ја креирањето на вакви проекти. Таа поддршка ја стави Македонија на светската мапа на спортовите на вода. Топло во честитам за овој значителен позитивен развој на вашата земја. Луѓето овде се полни со оптимизам, економијата значително расте, а тоа создава инспиративна средина за нас, претриемачите.
Премиерот се заблагодари на градоначалникот и на општинската администрација кои што помогнаа за брза реализира оваа инвестиција и најави дека се работи на уште најмалку две заинтересирани инвестиции кои би се изградиле во периодот кој следува во Битола. На свеченото отворање на оваа инвестиција свое обраќање имаше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој истакна дека заложбите за економски напредок на Битола, стануваат реалност.
-Радува фактот што во последните години тука има неколку нови инвестиции, а на седум јавни наддавања купени се преку 20 локации. Денес сме тука со голем повод и среќни сме за новата инвестиција. Во компанијата за производство се работи на редовни нарачки од клиентите и месечно се произведуваат по 900-1100 производи. Главен производ кој се произведува е спортско крило за скијање на вода, кајт, кој што го користат светски шампиони во овој спорт. Среќен сум што се тука кај нас и што можеме денеска сите заедно да им посакаме успешен бизнис и да бидат поттик за оние кои се уште можеби се двоумат дека ова е вистинското место за многу бизниси, на чекор до Европа, а блиску до градот со голем потенцијал – Битола, рече градоначалникот Коњановски.
Инаку, Инвестициските планови на “Брејнчајлд“ опфаќаат инвестиции во изградба на нова фабрика и набавка на комплетна опрема за производство. За таа цел, купено е земјиште во индустриската зона Жабени, каде во 2025 година започната, а во 2026 година заврши изградбата на халата со големина од 3.500м2 во прва фаза, а во втората фаза се планира да се изгради уште една хала од дополнителни 2.500м2.
Во моментов, во компанијата се вработени 226 лица. Додека сериското производство ќе се одвива во новоизградената фабрика во индустриската зона “Жабени“, лабораторијата во Битола ќе продолжи да функционира како центар за иновации, истражување и развој. Тука ќе се истражуваат нови технологии, одржливи материјали и програми за континуирана обука, со цел понатамошно унапредување на нивните производи и процеси.
Со визија насочена кон иднината, Брејнчајлд е подготвен да биде лидер во развојот на иновативни и одржливи производи за спортови на ветер и вода, да го поттикнува развојот на локалните таленти и да придонесува позитивно кон животната средина.
С.Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска






