Press "Enter" to skip to content

Денес во Битола започнува “Битфест“ со мјузиклот “Као какао“ ќе има 70 настани

-Во Офицерски дом – КИЦ Битола беше претставена целосната програма на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ 2026“ кој се одржува по 18. пат, а започнува денес со мјузиклот „Како какао“, а ќе заврши на 30 август во Хераклеја Линкестис, со “Фолтин“.

-70 од 140 апликации се прифатени на првиот конкурс кој го објави Културниот и информативен центар – Битола.

На прес конференцијата пред присутните новинари се обрати директорот на ЈОУ КИЦ Битола, Димитар Михајловски, кој го образложи концептот и динамиката на овогодинешниот Бит фест, најавувајќи богата и разновидна програма на повеќе сценски локации: салите и платото на Офицерски дом – КИЦ Битола, Кино Манаки, Центарот за култура, НУ Завод и Музеј, КЦ Магаза, Хераклеја Линкестис, Старата битолска чаршија, Широк Сокак, како и други алтернативни простори.

Михајловски ја истакна посветеноста кон промоција на битолските уметници, поттикнувањето на културниот туризам, како и идното профилирање на БИТ ФЕСТ како фестивал каде што квалитетот и креативноста ќе бидат главни критериуми при обликувањето на програмата.

Плакатот на овогодинешното издание е муралот на Борко Лазески од просториите на Поштата во Битола, за кој се добиени авторски права за користење како мотив.

-Се одлучивме затоа што муралот ја прикажува целата историја, традиција и култура на градот Битола. А од мотивот на муралот произлегоа и неколку други проекти кои ќе бидат дел од Битфест. Помеѓу нив е почеток на еден фестивал посветен на чалгијата кој ќе биде на почетокот на август, рече Димитар Михајловски, директор на КИЦ Битола.

Комсијата за селекција беше во состав: Оливер Јосифовски, Петар Горко, Љупка Стефановска, Даниела Николовска и Тодор Ивановски.Од прифатените апликации: 20 се од драмската област, 40 од музичко-сценската, 6 настани се изложби а 2 се фолклорни.

-Оваа година Битфест не се занимава со продукција, туку со готови настапи. Акцент ставивме на битолските афирмирани и млади изведувачи. Работилници не и аматери не. Ова се четири клаузули што си ги дадовме и преку кои ги гледавме квалитетите на апликантите. Ја преполовивме понудата, но го избравме најквалитетното. Апелирам догодина повеќе идеи, не само за да се земат пари, туку да се понуди квалитет и да се претстават како уметници и да има значење за градот. А не настан колку да пројде, поминаа тие времиња. Ајде да гледаме што е квалитетно, истакна актерот Петар Горко.

Во програмата се и традиционалните фестивали: „Илинденски денови“, „Локум фест“, „Битолино“ и „Битола Отворен Град“. Организаторите ги издвоија премиерата на „Госпоѓа Бовари“ на Народен театар – Битола и концертите на националниот ансамбл „Танец“ со хрватскиот ансамбл „Ладо“ и концертот на Симон Трпчески како особено атрактивни за публиката од Битола но и околните градови и туристите.

Дамијана Ристевка

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »